„Не е точно тврдењето на државниот обвинител Савески дека предметот „Талир 2“ ќе беше во мое надлежно постапување доколку не поднесов оставка“, вели поранешната обвинителка Ленче Ристоска, откако Савески денеска изјави дека Ристоска многу брзо си дала оставка откако ѝ ги одзема овластувањата за предметот.
Тој денеска рече дека Ристоска донела лична одлука да си замине, но доколку останела ќе работела на овој предмет.
„Овластувањата што беа повлечени се за обвинители во предмети за кои не се надлежни во рамки на своето обвинителство, додека Ристоска во конкретниот случај била надлежен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје. Токму овој предмет, доколку таа не поднесеше оставка, ќе беше во нејзино надлежно постапување. Во овој предмет моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот. Доколку останеше, таа ќе работеше на овој предмет“, вели Савески во неговата изјава.
Ристоска, пак, потенцира дека е неспорно е дека оставката била нејзина одлука, но и дека таа, меѓу другото, била последица на одземањето на основот да ги работи предметите, за што лично го известила Савески.
„Како обвинител за врски, согласно член 5 од Правилникот за предлагање и упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда, по правило можев да постапувам по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител, и по предмети по кои претходно сум постапувала. Предметот „Талир 2″ не е предмет во надлежност на Канцеларијата за врски — во него постапував токму по тој исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител. Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет. Оваа информација му беше соопштена на обвинителот Савески лично од мене, на состанок пред да ја поднесам оставката. Лично го известив и дека доколку ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следи мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука“, напиша денеска Ристоска.
Поранешната обвинителка пред два дена напиша дека предметот „Талир 2“ ѝ е одземен за да се избегне конфискацијата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како Белата палата, додека прашањето за ослободувањето на поранешниот премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски, според нејзе било во втор план за владејачката партија. Како што додава таа, сега клучното прашање е дали обвинителството ќе поднесе жалба и дали ќе се бара од Апелациониот суд да се произнесе по однос на конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Савески денеска одговори дека јавното обвинителство ќе донесе одлука дали ќе ја обжали ослободителната пресуда во предметот „Талир 2“ откако на писмено ќе ја добие пресудата и откако ќе ја анализира заедно со образложението.
„Не можам да ви одговорам сега, бидејќи како и во секој предмет, така и во овој, ќе се чека писмената верзија на пресудата. Целото образложение ќе се анализира и тогаш ќе се донесе одлука дали судот го убедил обвинителството со својата одлука и образложение или не“, вели Савески.
За 48 часа решени три високопрофилни случаи: Супервештачење за крај на „Тотал“ против Латас