Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) уште вчера заедно со полицијата и претставници на Министерството за животна средина извршиле инспекциски надзор и утврдиле дека во главниот цевковот нелегално е поставена пумпа која дирекнто вбризгува вода од реката Вардар. Надзорот тие го направиле по известување од јавниот обвинител заради сомнеж дека водата е загадена откако добиле поплаки од граѓаните. Во меѓувреме, на социјалните мрежи и во медиумите се проширија информации дека повеќе од 1.200 жители на Гостивар изминатите денови се жалеле на стомашни тегоби.
Како што појаснуваат од АХВ, тие издале времена забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем.
„Со надзорот утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем“, соопшти АХВ од каде додаваат дека зеле мостри од водата за лабораториско тестирање.
Директорката на јавното претпријатие Комуналец – Гостивар, Арта Асани, во изјава за локалните медиуми демантираше дека водата била проблемот велејќи дека последните три анализи кои ги направиле во текот на овој месец, без да прецизира кога било тоа, покажале дека водата е безбедна за пиење и во согласност со законските правила и стандарди за вода за пиење.
Таа понатаму вели дека синоќа заедно со Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје претставници на јавното претпријате зеле дополнителни мостри од водата, а првичните резултати покажале дека водата е безбедна за пиење.
„Сега ги чекаме и останатите резултати и ќе излеземе со официјално соопштение доколку има некаков проблем со водата за пиење“, вели Асани.
Пред околу три недели, поточно на 24 јуни, токму надлежните од општина Гостивар на нивната Фејсбук страна известиле дека водата не е безбедна за пиење бидејќи преземале активности за подобрување на притисокот во водоводната мрежа.
„Ве известуваме дека ЈП „Комуналец“ во моментов изведува неопходни технички активности со цел подобрување и зголемување на притисокот на водата во водоводната мрежа. Како директна последица на овие работи, водата не е безбедна за пиење. За ваша безбедност, строго ги советуваме граѓаните да се воздржат од конзумирање на водата од чешма до следното известување. По завршувањето на техничките работи ќе се извршат целосни лабораториски анализи за да се потврди статусот на водата. Ќе биде издадено ново известување веднаш штом лабораториските резултати ќе потврдат дека водата ги исполнува сите здравствени и безбедносни стандарди за конзумација“, пишува во објавата од општината.
Со многу слична објава на Фејсбук истиот ден излегло и јавното претпријатие Комуналец – Гостивар во кое ги советуваат „граѓаните строго да се воздржат од консумирање на вода од чешма до следното известување“.
Оттаму најавуваат дека по завршувањето на техничките работи ќе бидат извршени целосни лабораториски анализи за да се потврди статусот на водата па откако ќе утврдат дека водата ги исполнува стандардите ќе објават дополнително соопштение.
Два дена подоцна, ЈП Комуналец – Гостивар објавува дека „во текот на ноќните часови се појави дефект на главната линија за водоснабдување, предизвикан од ненадејни флуктуации на притисокот на водата, кои оштетија дел од мрежата“. Тие се пофалиле дека интервенцијата била завршена во краток временски рок и нормалното водоснабдување повторно било воспоставено „во сите погодени подрачја“.