Вчеравечер свечено беше отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ со настапот на светските оперски ѕвезди, сопранистката Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново, кои настапија синоќа пред полниот аудиотриум на Античкиот театар во Охрид.
Тие, заедно со Националната опера и балет, а предводени од диригентот Марко Боеми од Италија создадоа љубовна магија со публиката, изведувајќи едни од најпознатите арии од светската класична литература. Тоска, Мадам Батерфлај, Адријана Лекуврер, Ромео и Јулија.
Фестивалскиот оган започна да гори по 66. пат, и со тоа го осветли патот на сите уметници што и годинава ќе бидат дел од програмата што ќе трае до 20 август. Овој фестивал со право го заслужува местото меѓу најзначајните културни настани во Европа.
„Ова беше вечер што ќе остане запаметена. Преполниот Антички театар, повеќе од 4.000 посетители и распродадените билети две недели однапред се најдобра потврда дека „Охридско лето“ ја има довербата на публиката. Горди сме што фестивалот го отворивме со врвни светски уметници и спектакуларна оперска гала вечер која донесе незаборавни емоции и силен почеток на 66. фестивалско издание“, изјави директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот, Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова која потсети дека пред шеесет и шест години, под сводовите на Света Софија, оперската дива Ана Липша-Тофовиќ ги отпеала првите фестивалски тонови, означувајќи го почетокот на „Охридско лето“ коешто сè уште живее.
„Оттогаш до денес, многу генерации уживале во привилегијата да се дружат со врвни музички и театарски личности, познати, обожавани и посакувани на најпознатите уметнички сцени, како исклучителни творци на високи духовни дострели. „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културна дипломатија и универзален уметнички јазик“, рече Сиљановска-Давкова.

Обраќајќи се на отворањето на фестивалот, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека токму во Охрид, историјата, природата и духот живеат во тивка, возвишена хармонија. Според него, секој камен, секој бран на езерото, секоја нота што ќе одекне од фестивалот, сведочи дека цивилизациите не се препознаваат по моќта, туку, како што кажа, по убавината што ја оставаат зад себе.
„Охридско лето никогаш не било само обичен фестивал. Тоа е жива потврда дека Македонија отсекогаш знаела дека културата не е луксуз за добри времиња, туку предуслов за достоинствено постоење. Не за да нè затвори во нас самите, туку за да нè отвори кон другите без да престанеме да бидеме свои“, посочи Љутков.
Уметничката порака на фестивалот „Охридско лето“ годинава ја испрати истакнатиот македонски уметник, оперски првенец со раскошен глас и впечатлива сценска харизма, Игор Дурловски. Според него, малите земји имаат посебна улога во културата на светот. Тие, како што рече, не ја црпат нивната сила од големината на територијата или бројот на жители, туку од приказните што ги чуваат, од искуствата што ги преживеале, од начинот на кој можат да придонесат кон големиот разговор на човештвото.
„Македонија е земја со длабока историска меморија, земја низ која минувале различни култури, јазици и цивилизации. Најголемата вредност на тоа наследство е во минатото што го паметиме, сегашноста што ја живееме и во иднината што можеме да ја создадеме. Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите: нов поглед, ново прашање, нов простор за средба. И затоа, овде, во Охрид, во градот каде што вековите разговараат меѓусебе, посакувам уметноста да продолжи да биде нашата најубава порака до светот. Порака дека човекот сè уште има потреба од убавина, од смисла и од надеж“, рече оперскиот пејач Дурловски.