Министерот за одбрана Владо Мисајловски соопшти дека пристигнале сите ЏИВАТИ возила и дека во понеделник во пристаништето во Солун треба да стигнат и сите лесни оклопни возила „Страјкер“, со што до крајот на месецот ќе се заокружи договорот со САД вреден околу 339 милиони евра.
На денешната прес-конференција за сработеното во двегодишниот мандат, Мисајловски рече дека со САД се потпишани и договори за набавка на лесно пешадиско вооружување, беспилотни системи „Пума“ и „Равен“, опрема за киберзаштита, радиоуреди и надградба на Симулацискиот центар во Велес.
Тој посочи и дека е потпишан договор за системи за противоклопна борба „Џевелин“, чија испорака би требало да почне следната година. Според Мисајловски, пристигнати се и артилериските системи „Боран“ од Турција, како и дел од опремата „Мистрал 3“, а процесот треба да заврши до крајот на годината.
Министерот рече и дека со поддршка на Европскиот мировен фонд досега се добиени 40 милиони евра во три пакети, а најави дека најверојатно ќе има и нов пакет за Министерството за одбрана, односно за Армијата.
Во делот на кадарот, Мисајловски кажа дека годинава има 1.700 апликации за прием на нови војници. Тој додаде и дека е подготвено ново решение за оние што наполниле 45 години, со цел да останат во Армијата.
„Почнавме процес како да им помогнеме на сите оние што навршуваат 45 години, зборуваме за војниците. Мора да ги пофалам началникот и целиот негов тим, кои направија одлично решение, кое е претставено на сите синдикати“, рече Мисајловски.
Тој најави дека во наредниот период ќе разговара со сите страни за тоа што може да се измени, а потоа и дали има потреба од измена на закон или само од промени во формацијата, за да им се овозможи на тие луѓе да останат во Министерството, односно во Армијата.
Мисајловски рече и дека се почнати преговори со синдикатите за нов колективен договор, во кој ќе биде опфатено и зголемувањето на платите во Армијата. За буџетот оцени дека е во одлична состојба, а за инфраструктурните вложувања рече дека од планираните 12 милиони евра досега се завршени проекти во висина од над 3,1 милион евра.
Меѓу завршените проекти ги наведе реновирањето на касарни, реконструкцијата на главните згради на Генералштабот, полигонот Криволак, Воено-медицинскиот центар, комплетното реновирање на амфитеатарот во Воена академија и уредувањето на Спомен-собата на Михајло Апостолски.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лефчиски, го оцени изминатиот период како исклучително динамичен и успешен за Армијата. Тој рече дека лани припадниците на Армијата учествувале на 34 вежби, од кои осум во државата и 26 надвор од неа.
Лефчиски ја посочи вежбата „Блесок 26“ како најзначајна, а нагласи и дека стекнувањето со статусот „mission capable“ е, како што рече, огромен успех што е резултат на јасна стратегиска насока, обука, опремување и модернизација во согласност со НАТО-стандардите.
Во завршниот дел, тој ги спомена и вежбите „Saber Juntion 25“ во Германија и „Trojan Footprint 26“, во рамките на која е реализирано НАТО-оценување на борбените елементи за специјални операции.