Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави дека ребалансот на буџетот ќе се најде на утрешната владина седница и дека со него се предвидуваат измени на буџетските проекции, меѓу кои и зголемување на дефицитот.
Таа појасни дека ваквото зголемување е поврзано со потребата од поголемо финансирање на капитални инвестиции, како и со одредени промени на приходната страна.
„Она што во овој момент можам да го кажам е дека ќе имаме одредена корекција на буџетскиот дефицит нагоре и првпат ќе имаме зголемување на буџетски дефицит како резултат на зголемени потреби за финансирање на капиталните расходи, односно капиталните инвестиции. А, и во исто време имаме одредени корекции, на приходната страна, во делот на акцизата поради мерките што ги имавме во изминатиот период“, изјави Кочоска.
Според неа, најголемиот дел од зголемените капитални расходи се однесуваат на инфраструктурни проекти, при што дополнителни средства ќе добијат повеќе институции и програми.
„Имаме зголемени капитални расходи во делот на Министерството за животна средина, имаме околу одредени ИПА-проекти, имаме зголемување за АА-програмата, така што утре во детали ќе информираме точно која институција колку дополнителни средства има за капиталните расходи“, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа се осврна и на ефектите од претходните мерки за намалување на ДДВ и акцизите, посочувајќи дека корекцијата на акцизата се проценува на околу 1,5 милијарди денари, но дека точните пресметки се отежнати поради индиректните ефекти.
„Нашите пресметки покажаа дека некаде една и пол милијарда денари треба да ја коригираме акцизата. Но, мора да бидеме внимателни, затоа велам тешко е да се направат проекциите. Не заборавајте, во изминатиот период ја имавме најниската цена на нафтата во регионот. Се сеќавате дека редици автомобили со странски таблици точеа бензин во Македонија, што значи дека и покрај тој позитивен ефект намалуваме 1,5 милијарда. Кога не би било купувањето од странските лица, сигурно негативниот ефект би бил поголем, односно тоа е она што Владата го даде како поддршка на граѓаните и стопанството“, додаде министерката.
Ребалансот, според најавите, ќе се подготвува согласно фискалната рамка и владините приоритети, меѓу кои се стабилни јавни финансии, инфраструктурен развој и подобрување на животниот стандард.