Автопатот Кичево-Охрид, во делот од селото Извор до Врбјани, со сите тунели, очекувам да биде завршен и пуштен во употреба најдоцна до 8 септември, кажа денеска во изјава за медиумите премиерот Христијан Мицкоски.
„Давам еден месец резерва, еве нека биде октомври како краен рок. А целата траса од Кичево до Иванин дол, очекувам да биде пуштен во јануари“, рече тој.
И покрај дополнителниот заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за шест години и зголемување на вредноста на договорот за 45 отсто, автопатот Кичево – Охрид, уште не е изграден. Ова е најголемата инфраструктурна инвестиција со децениска изградба во државата. Ова во февруари 2024 го констатираа државните ревиори во извештајот за ревизија на Јавното претпријатие за државни патишта.
Овој автопат, според ревизорскиот извештај, е најскапиот кој се гради во државата, при што еден километар до крајот на 2022 година чинел околу 9 милиони долари. Вториот најскап автопат е Скопје – Блаце, каде за два километри ќе се одвојат речиси 6 милиони евра.
„Инвестициите за патната делница Кичево – Охрид изнесуваат 31.597.364 илјади денари или 57% од вкупните материјални средства во подготовка, додека должината на патната делница е 56,7 км, односно за изградба на еден километар од патната делница, до крајот на 2022 година инвестирани се 557.273 илјади денари (приближно 9 милиони евра)“, пишуваат ревизорите.
Во тој извештај на ревизорите, пишува дека во октомври 2013, односно ноември 2019 година, донесени се закони со кои Република Северна Македонија гарантира исполнување на обврските по земените заеми за финансирање на проектот за изградба на патната делница Кичево – Охрид.
„Во јануари 2014 година, склучен е договор за заем помеѓу банка од НР Кина (заемодавач) и ЈП за државни патишта (заемопримач) во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари“, наведено е во извештајот.