Протест на учениците, родителите и раководството на Средното медицинско училиште во Тетово за неопфаќање на нивните ученици во стипендиите за дуални паралелки. Фото: Фисник Џелили (26.10.2023)
Недостатокот на социолози, психолози и друг стручен кадар и натаму е нерешен проблем во средните училишта во Тетово и Гостивар. И додека употребата на дроги кај младите постојано расте и експертите постојано ја нагласуваат нивната потреба и улога во училиштата, општинските власти и натаму се жалат дека Министерството за образование не одобрува вработувања, додека пак од Министерството се правдаат и „вината“ ја префрлуваат кај општините, пишува Порталб.мк.
Во средните училишта во Полог недостасува разновиден стручен кадар како психолози, социолози, дефектолози, педагози и други.
Иако официјалните податоци покажуваат присуство и употреба на наркотични средства од страна на младите средношколци, честопати во училиштата недостасуваат стручни служби кои треба да ги советуваат учениците.
Според експертите стручните училишни служби, како што се психолозите, педагозите и социјални работници, играат суштинска улога во раното идентификување и решавање на емоционалните и социјалните проблеми на учениците, помагајќи во намалувањето на девијантните и негативните однесувања на децата.
Каква е состојбата во Тетово?
Од Општина Тетово за Порталб.мк информираат дека во средните училишта во Општина Тетово имаат потреба од овие стручни кадри: СОУ „Кирил Пејчиновиќ“ – дефектолог, СОУ „8 Септември“ – психолог и социолог, СОТУ „Ѓоце Стојчески“ – дефектолог, СОУ „7 Март“ – дефектолог и социолог, СОМУ „Никола Штењ“ – психолог, социолог и педагог.
Оттаму информираат дека како институција ангажирале стручен кадар во СОУ „8 Септември“ и СМОУ „Никола Штењ“.
„Општина Тетово побарала вработувања од Министерството за образование и наука, но сè уште не сме добиле конкретен одговор“, велат од Општина Тетово.
Од таму додаваат дека општината ангажира дефектолог во случаи кога во тоа училиште се запишуваат деца со посебни потреби.

Каква е состојбата во Гостивар?
Од Општина Гостивар не добивме одговор за сите училишта, меѓутоа, ситуацијата не е многу различна од Тетово.
Од Гимназијата во Гостивар изјавија дека преку Општина Гостивар до Министерството за образование со години поднесуваат барање за ново финансирање за позицијата училишен психолог (турски наставен јазик).
„Поради потребата на учениците и вработените за советување и издавање документи на турски јазик, за што нема вработен во стручната служба и администрацијата кој го зборува турскиот јазикот“, рекоа од ова училиште.
Средното медицинско училиште во Гостивар нема социолог.
„Неколку пати сме побарале, но не сме добиле одговор. Ние како училиште побаравме вработувања од Министерството за образование и наука, но ништо од тоа не е реализирано, не добивме никаков позитивен одговор за нови вработувања“, велат од ова училиште.

Исмаили: Недостатокот на кадар го слабее раното идентификување и превенција
Поранешниот наставник Сатки Исмаили се согласува дека недостатокот на стручен кадар во училиштата, како што се педагозите, социолозите и психолозите, значително го намалува капацитетот за рано идентификување и превенција на употребата на дроги кај учениците.
„Кога мал број на стручни соработници покриваат голем број на ученици, работата се намалува и интервенцијата се спроведува откако ќе се појави проблемот, а не како превенција. Ова го ограничува индивидуалното советување, работата со родителите и развојот на одржливи превентивни програми. Исто така, недостасува социјална анализа на ризик факторите во и надвор од училиштето. Како резултат на тоа менаџирањето на случаите останува фрагментизирано, а училиштето реагира со задоцнување“, рече Исмаили.

Министерството за образование и наука се правда
И покрај состојбата и континуираните барања од училиштата и општините, Министерството за образование и наука продолжува да се правда и да не дава конкретен одговор зошто не одобрува нови вработувања.
Од Министерството за образование и наука велат дека за утврдување на потребниот број на стручни соработници во јавните средни училишта како критериум се зема бројот на ученици во училиштето, односно:
- До 500 ученици, најмногу 3 (три) стручни соработници;
- До 1000 ученици, најмногу 5 (пет) стручни соработници;
- Над 1000 ученици, најмногу 7 (седум) стручни соработници.

Според министерството, состојбата во Тетово и Гостивар е следнава:
Тетово:
- Гимназија „Кирил Пејчиновиќ” – 2 (стручни соработници) за 1.377 ученици,
- Гимназија „7 Maрт” – 1 за 388 ученици,
- Медицинско училиште „Никола Штејн” – 4 за 2.178 ученици,
- Економско училиште „8 Септември” – 3 за 1.109 ученици,
- Текстилно училиште „Ѓоце Стојчески” – 4 за 407 ученици.
Гостивар:
- Гимназија „Гостивар” – 4 (стручни соработници) за 850 ученици,
- Текстилно училиште „Гостивар” – 5 за 1.029 ученици,
- Економско училиште „Гостивар” – 1.191 ученици
- Медицинско училиште „Гостивар” – 2.778 ученици
Од Министерството нагласуваат дека во Гостивар и Тетово потребно е да се направи прераспределба на дел од стручните соработници вработени во средните училишта, со цел да се овозможи оптимално функционирање на стручните служби, надлежност која, според Министерството за образование и наука, им припаѓа на локалните самоуправи.
„Министерството за образование и наука е посветено и ќе продолжи да вложува напори за зајакнување на стручните служби во сите училишта во земјата“, соопштија од Министерството за образование и наука.
Но, и покрај оваа изјава, училиштата и општините изјавуваат дека реалноста на терен е поинаква и дека Министерството за образование не ги прифаќа нивните барања.
Продолжува…