21.8 C
Vinica
петок, мај 22, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Трамп најави разговори со Тајван за можна продажба на оружје, Кина категорично против

    Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе разговара со тајванскиот лидер Лаи Чинг-Те за можна продажба на оружје, што би претставувало значително отстапување од традиционалната дипломатска практика, пренесува Би-Би-Си Њуз.

    Лидерите на САД и Тајван не разговарале директно од 1979 година, кога Вашингтон ги прекина официјалните односи со Тајван и ја призна владата во Пекинг. Но, САД со децении го поддржуваат Тајван и според закон се обврзани да му обезбедат средства за самоодбрана, но истовремено мораат да одржуваат дипломатска рамнотежа со Кина. Пекинг го смета Тајван за своја територија и не ја исклучува можноста за употреба на сила за негово преземање.

    Запрашан во средата дали планира да разговара со Лаи пред да донесе одлука за продажба на американско оружје, Трамп изјави: „Ќе разговарам со него. Јас разговарам со сите… ќе работиме на тоа, тајванското прашање.“

    Тој воедно ја пофали својата врска со кинескиот претседател Си Џинпинг како „одлична“, по дводневниот самит во Пекинг минатата недела.

    На прашање за можниот разговор меѓу Трамп и Лаи, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи во четвртокот изјави дека Кина „цврсто се противи на официјални контакти меѓу САД и Тајван“, како и на американска продажба на оружје на Тајван. Пекинг ги повика САД да „престанат да испраќаат погрешни сигнали до сепаратистичките сили во Тајван“.

    Во 1979 година, САД го усвоија Законот за односи со Тајван, кој предвидува дека Вашингтон може „да му обезбеди на Тајван оружје со одбранбен карактер“, поради што продажбата на оружје продолжува и денес.

    Трамп изјави дека сè уште не донел одлука дали ќе биде одобрена продажбата на пакет оружје во вредност од 14 милијарди долари за Тајван, кој наводно вклучува опрема против дронови и системи за противвоздушна одбрана.

    Според извештај на „Фајненшл тајмс“, Пекинг во моментов ја блокира предложената посета на висок функционер од Пентагон, Елбриџ Колби, со порака дека нема да ја одобри додека Трамп не одлучи како ќе постапи со договорот за оружје.

    Минатата недела, додека Трамп  се враќаше од Пекинг по средбата со претседателот Си, беше прашан за продажбата на оружје за Тајван и изјави дека ќе „донесе одлука во релативно краток период“.

    „Морам да разговарам со личноста која во моментов го води Тајван, знаете кој е тој“, рече тој.

    За време на неговата посета на Пекинг, Кина јасно стави до знаење дека Тајван е едно од најчувствителните прашања во односите со САД, при што Си предупреди на можен „конфликт“ меѓу двете суперсили доколку прашањето не се менаџира внимателно.

    Иако Трамп ја минимизираше можноста за конфликт меѓу САД и Кина околу Тајван, тој рече дека Си „многу силно“ го чувствува ова прашање. „Не дадов никаква обврска во ниту еден правец“, изјави тој за новинарите во Air Force One минатата недела.

    По средбата Трамп – Си, тајвандскиот претседател Лаи објави дека островот е „суверена, независна демократска држава, нагласувајќи дека американската продажба на оружје е „клучен фактор за одржување на регионалниот мир и стабилност“.

    Ова не е првпат Трамп да отстапи од дипломатската пракса. Во 2016 година, тој разговараше со тогашната лидерка Цаи Инг-Вен, додека беше новоизбран претседател, по што Кина упати протест до Вашингтон.

    Во 1982 година, САД му дадоа уверување на Тајван дека нема да се консултираат со Пекинг околу продажба на оружје. Но, Трамп, прашан за тоа додека се враќаше од Пекинг, рече дека „1980-тите се одамна“.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica