Педесет и осумгодишна жена од село во општина Градско била измамена за 240.000 денари, откако по телефонски повик од лице кое се претставило како лекар ја убедило дека нејзината ќерка итно треба да биде оперирана во велешката болница.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен вчера на 14.05.2026 во СВР Велес.
Според пријавата, жената добила телефонски повик од непознато лице кое се претставило како лекар од Општата болница во Велес. Лицето ѝ кажало дека нејзината ќерка се наоѓа во болница со скршеница и дека за оперативен зафат е потребно веднаш да се платат пари.
Жената, верувајќи во приказната, заминала кон болницата, каде во дворот ја пречекало женско лице на кое му ги предала парите.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.