Управата за јавни приходи известува дека во првите четири месеци од 2026 година кај над 40 отсто од контролираните субјекти се утврдени неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП).
Контролите се реализирани врз основа на пријави од граѓани преку линијата 198, интерни анализи на УЈП и координација со други надлежни институции.
„Кај 395 субјекти се констатирани неправилности согласно ЗРГП. Загрижува фактот што бројот на субјекти со утврдени неправилности бележи раст и покрај континуираните мерки на УЈП. Додека минатата година неправилности биле утврдени кај 32 отсто од контролираните субјекти, оваа година тој процент е зголемен на 42 отсто.“ велат од УЈП.
За утврдените неправилности во првите четири месеци од 2026 година изречени се глоби на правното лице и одговорното лице кај 395 субјекти. Најчеста неправилност и понатаму останува неиздавањето фискални сметки, при што во првите четири месеци од 2026 година се изречени 242 глоби по овој основ. Значителен раст е евидентиран и кај прекршоците поврзани со невоведување фискален систем, каде бројот на изречени глоби е зголемен од 7 на 32 во споредба со минатата година.
Поради повторено неиздавање фискални сметки во период од две години, на 25 субјекти им е изречена мерка привремена забрана за вршење дејност – запечатување на објектите.
На даночните обврзници кај кои е утврден неевидентиран промет им се укажува истиот доброволно да го евидентираат во книговодствената евиденција и соодветно да го прикажат во даночните пријави. Доколку даночните обврзници не извршат доброволно усогласување, УЈП ќе спроведува дополнителни даночни контроли и ќе преземе санкции согласно законските прописи.