19.3 C
Vinica
вторник, мај 12, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    ТАВ: За четири месеци бројот на патници пораснал за 32,4 отсто

    Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, управувани од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на групацијата ADP, ги завршија првите 4 месеци од 2026 година, со силен, рекорден пораст на бројот на патници од 32,4%, опслужувајќи вкупно 1,2 милиони патници, соопштија денеска оттаму.

    Во истиот период, јануари-април, двата македонски аеродрома опслужиле вкупно 8.123 летови, што е годишно зголемување од 10,7 отсто.

    „ТАВ Македонија продолжува да бележи рекордно двоцифрено зголемување на патничкиот сообраќај. Во првите четири месеци од оваа година опслуживме вкупно 1,2 милиони патници на двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, што е висок пораст од рекордни 32,4% и ќе нè рангира меѓу најбрзо растечките аеродроми во Европа и во светот. Меѓународниот Совет на Аеродроми-Европа (Airports Council International-Europe) веќе нè рангираше меѓу најбрзо растечките аеродроми како земја која не е членка на ЕУ врз основа на јануарските бројки за авиосообраќај. Оваа година отворивме 5 нови дестинации, додека во наредниот период ќе отвориме дополнителни 7 нови дестинации, од двата аеродрома, со што годинава ќе имаме вкупно 12 нови дестинации. Со ова, очекуваме порастот на патници да продолжи до крајот на годината, создавајќи силна основа за стабилен пораст во наредните години“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

    Како што нагласи тој, покрај проширувањето на мрежата на авиолинии и порастот на воздушниот сообраќај, ТАВ Македонија ќе остане фокусирана на подобрување на квалитетот на услугите на аеродромот, обезбедувајќи одлично искуство за клиентите – и за авиокомпаниите и за патниците.

    По отворањето на новите авиолинии до Будимпешта и Неапол од скопскиот аеродром, во јуни и јули ќе почнат летови до Трабзон (чартер), Самсун (чартер), како и до Палермо и до Алгеро. Од охридскиот аеродром, со летниот распоред на летање, 8 авиокомпании летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови.

    По отпочнувањето на новите летови од Охрид до Братислава, Милано и Штутгарт, во јуни ќе се отворат и новите линии до Вроцлав и Катовице, а од 21 јуни, Аустриан ерлајнс има најавено дека ќе почне да лета од Охрид до Виена.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica