Вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања причинети од Хуман папилома вирус (ХПВ) во Македонија, во 2025 година изнесувал 51,5 отсто, што е далеку под потребниот просек од 95 отсто, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во последниот извештај за реализација на програмата за задолжителна имунизација на населението. Најмалку вакцинирани девојчиња и момчиња има во Охрид (9,9 отсто), а вакцинацијата е 100 отсто реализирана во Берово, Виница, Пехчево, Македонски Брод и во Валандово.
„Опфат понизок од вкупниот опфат во републиката се регистрира Тетово/Гостивар, Битола, Скопје, Прилеп, Битола и Кичево. Од подлежечките лица на територијата на целата република за оваа вакцина, не се опфатени вкупно 8.224 лица, од кои 4.638 се жители на Скопје“, наведено е во извештајот.
Сепак, регистрираниот опфат со ХПВ вакцина (51,5 отсто) лани е повисок во однос на 2024 година (50,2%) и е повисок во однос на просечниот опфат за петгодишниот период (2020-2024) кој изнесува 47,5 отсто.
„Лани за прв пат се реализира опфат со ХПВ вакцинација кај целата целна популација, по воведувањето на вакцинацијата и кај момчињата во 2024 година. Вклучувањето на момчињата во програмата придонесе за зголемување на бројот на вакцинирани деца и на вкупниот опфат. Во однос на 2024 година, како и во однос на
просечниот петгодишен период, се бележи благ пораст на опфатот од 50,2% во 2024 година на 51,5% во 2025 година. Проширувањето на ХПВ вакцинацијата на момчињата има позитивно влијание врз зголемувањето на опфатот, но истиот останува релативно низок. Иако се забележува умерено подобрување на опфатот со ХПВ вакцинацијата, постојат значителни географски разлики меѓу регионите, со исклучително низок опфат во одредени подрачја и висока концентрација на невакцинирани лица во Скопје“, се наведува во извештајот.
Бројот на жени кои заболуваат од рак на грлото на матката расте од година во година. На Клиниката за онкологија, во 2024 година биле третирани 74 пациентки, а лани бројката изнесувала 122.
Најмладите пациентки на кои им бил дијагностициран рак на грлото на матката во Македонија имаат само 18 години, а средната возраст за поставување на дијагнозата е 55 години. Загрижувачкиот податок беше соопштен на настанот по повод Неделата за подигнување на свеста за борбата против овој вид карцином, организиран од Македонското лекарско друштво и Македонското здружение за цервикална патологија.
Бројот на жени кои заболуваат од рак на грлото на матката расте од година во година. На Клиниката за онкологија, во 2024 година биле третирани 74 пациентки, а лани бројката изнесувала 122.
Претседателот на Македонското лекарско друштво и на Македонското здружение за цервикална патологија, професор д-р Горан Димитров, истакна дека од 2030 година сите земји треба да применуваат ХПВ тест како скрининг за рак на грлото на матката.
Во извештајот на ИЈЗ има податоци за сите вакцини кои се однесуваат на опфатот. Мета вчера објави дека значително е опаднат опфатот со МРП вакцината, односно со прва доза МРП вакцината (мали сипаници, рубеола, заразни заушки) е забележано намалување лани, достигнувајќи речиси 63 отсто, што е значително под препорачаниот опфат од 95 отсто на национално ниво.
По повод Европската недела на имунизација, чие одбележување завршува денеска, во сите здравствени домови и вакцинални пунктови низ државата се реализираат активности за потенцирање на важноста на имунизацијата.