Опфатот со прва доза МРП вакцината (мали сипаници, рубеола, заразни заушки) бележи намалување во 2025 година, достигнувајќи речиси 63 отсто, што е значително под препорачаниот опфат од 95 отсто на национално ниво, наведено е во последниот извештај што го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во време кога се одбележува Европската недела на имунизација.
„Во 2025 година, опфатот со МРП вакцината изнесува 62,7 отсто, што е далеку под препорачаното ниво за постигнување колективен имунитет и претставува јасен индикатор за недоволна имунизациска покриеност, со зголемена можност за епидемиско ширење на болеста“, потенцирано е во извештајот.
Иако бројките се загрижувачки среде одбележување на неделата на имунизација, одговорните во Министерството досега немаат официјално најавено некакви активности со кои би се зголемила свесноста за важноста на имунизацијата.
„Последен пат опфат над 90 отсто на МРП е регистриран во 2019 година (93,1 отсто), повторно како резултат на против епидемиски мерки, по што се забележува континуиран пад на опфатот. За разлика од првата доза, ревакцинацијата (втора доза) на МРП вакцината, слично како и кај останатите училишни вакцини, бележи зголемување во 2025 година во однос на 2024 година, при што опфатот изнесува 84,7 отсто (наспроти 79,1%)“, се наведува во извештајот.
Одговорните во ИЈЗ нотирале во извештајот дека нискиот опфат со задолжителната вакцинација, посебно со МРП вакцината, кој континуирано се одржува повеќе години, доведува до акумулација на осетливо население и значително зголемен ризик од појава и ширење на епидемии од вакцинопревентабилни заболувања, вклучително и мали сипаници.
Во меѓувреме, во соседна Бугарија, тамошното Министерство за здравство пред неколку дена објави дека вкупно 101 лице е заболено од морбили и дека 89 отсто од заболените се деца, а останатиот мал број пациенти се на возраст од 19 до 53 години.
Малите сипаници се многу заразна болест предизвикана од вирус, која лесно се шири кога заразено лице дише, кашла или кива. Може да предизвика тешка болест, компликации, па дури и смрт. Од малите сипаници можат да заболат сите, но најчесто се јавува кај децата. Малите сипаници го инфицираат респираторниот тракт, а потоа се шират низ телото. Симптомите на мали сипаници обично започнуваат 10-14 дена по изложувањето на вирусот. Исипот е најкарактеристичен симптом. Раните симптоми обично траат 4-7 дена. Тие вклучуваат течење на секрет носот, кашлица, црвени и насолзени очи (конјуктивитис), мали бели дамки во внатрешноста на образите.
Опфатот со ДиТеПер е 78,8 отсто
Опфатот со примарна вакцинација со 3 дози ДиТеПер/ИПВ вакцина за 2025 година, за целата држава изнесува 78,8 отсто, што исто така е далеку под просекот. Д-р Соња Ралева, спец. по општа медицина, од школскиот диспанзер на поликлиниката Бит Пазар, за Мета вели дека невакцинирањето може да доведе до враќање на вируси и тешки болести, кои, како што вели, не простуваат.

„Намалување има и кај ДиТеПер вакцината. Со ваквиот опфат ние ризикуваме да се вратиме на старите болести, а посебно полиомиелитис, вирус кој се добива по респираторен капков пат и дава оштетување на `рбетот и на мозокот, а може да доведе до трајна инвалидност или смрт. Таков е вирусот, тој не простува. Лек нема, но затоа постои ефикасна заштита, вакцината“, вели д-р Ралева.
Според неа, проблемот со нискиот опфат на вакцинација е во општествените прилики и социјалното ниво кое го живееме.
„Недовербата во вакцините ја создава ширењето на лажни вести и дезинформации. До 1998 година сè си течеше нормално, немаше никако в проблем со низок опфат. Сега сите болести се припишуваат на вакцините, има дезинформации според кои тие се најголемо зло што го измислил светот. Поради тоа се случува родители да го ризикуваат здравјето на своите деца и воопшто да не дојдат во диспанзер. Сметам дека е потребни многу повеќе да се зборува на оваа тема бидејќи се плашат. Но стравот доаѓа од немањето доволно информации, а не затоа што се антиваксери“, смета д-р Ралева и додава дека се потребни сериозни кампањи за да се влијае на свеста кај родителите.
Потребна е итна работа на терен за да се зголеми опфатот
Во делот на препораки во извештајот, во врска со нискиот опфат со МРП вакцина, се препорачува да се спроведат итни и таргетирани интервенции за зголемување на опфатот, вклучително и масовни повици, теренски активности и засилена комуникација со родителите, за да се достигнат потребните 95 отсто опфат.
„Потребно е да се воведе редовен мониторинг на навременоста на вакцинацијата, а не само на вкупниот опфат, со цел рано детектирање на доцнења и пропусти во имунизацијата. Да се развијат и спроведат локално прилагодени комуникациски стратегии, посебно во подрачјата со низок опфат, со цел подобрување на перцепцијата на ризик и
зголемување на довербата во вакцинацијата. Да се зајакне соработката со образовните и предучилишните установи преку – континуирана проверка на вакциналниот статус при упис, организирање теренска вакцинација, доследна примена на мерките за прием само на комплетно вакцинирани деца“, наведено е во препораките.