Владата бара нов начин за финансирање на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, откако досегашното кредитирање преку кинеската Ексим банка е прекинато. Средствата за продолжување на работите, според најавите, ќе се обезбедат преку задолжување на Јавно претпријатие за државни патишта кај домашните банки.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државата веќе работи на обезбедување финансии за да се доврши проектот и автопатот конечно да биде пуштен во употреба. Тој посочи дека финансирањето од кинеската банка е прекинато, но институциите пронашле решение за да не запре изградбата.
Од претпријатието за државни патишта наведуваат дека до прекинот на финансирањето дошло откако претходната влада испратила писмо до кинеската банка со кое било посочено дека понатамошните средства за проектот ќе ги обезбеди државата.
Од Амбасада на Народна Република Кина во Северна Македонија, пак, појаснуваат дека банката досега исплатила најголем дел од договорениот кредит за автопатот. Според нивните податоци, околу 529 милиони евра биле обезбедени преку основен и дополнителен заем, а заклучно со февруари 2026 година се реализирани 478 милиони евра. Преостанатите 51 милион евра ќе продолжат да се исплаќаат во согласност со договорот.
Од кинеската амбасада посочуваат дека во меѓувреме се зголемил обемот на работа, а македонската страна побарала дополнителни активности поврзани со проектирање и изградба на косини долж трасата. Поради тоа било побарано ново финансирање од околу 205 милиони евра.
Сепак, според договорот за дополнителен заем потпишан во декември 2019 година, Северна Македонија се обврзала дека нема да бара нови средства од кинеската банка доколку вкупната вредност на проектот ја надмине договорената сума.
Во меѓувреме, од претпријатието за државни патишта велат дека се во процес на обезбедување нови средства од домашните банки и очекуваат финансирањето да биде договорено до мај годинава.
Покрај автопатот Кичево – Охрид, промени има и во финансирањето на делниците од коридорите 8 и 10-д, каде работите ги изведува конзорциумот Бехтел и Енка. Според Владата, со законски измени е овозможено проектите повторно да се финансираат преку претпријатието за државни патишта, а не директно од буџетот.
Премиерот посочи дека изградбата на делниците напредува, но можно е дел од роковите да се пролонгираат поради сложеноста на проектите и ограничените ресурси.