10.2 C
Vinica
петок, февруари 27, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Денеска се празнува Упокоение на Свети Кирил Солунски

    Според познатото кратко житие на Константин Филозоф, во монаштво наречен Кирил, потекнувал од познати родители Лав и Марија, солунски Словени. Високата положба на таткото и талентот на момчето му ја отвориле вратата на позната Магнаурска школа во Цариград каде што Константин учел заедно со децата на византиските цареви и болјари под раководство на познати учители и на прочуениот Фотиј, идниот цариградски патријарх. Образованието го завршил со прекарот Филозоф, по што бил назначен за патријаршиски библиотекар и предавач по филозофија. Му биле давани и разни обврски од општествен карактер. Ослободен од суетата на овој свет, Константин тајно заминал во манастир на Олимп во Мала Азија, при својот брат Методиј, каде што во пост и молитви се подготвувал за големото свое дело – да создаде словенска азбука и да ги преведе словенските книги на Православната Црква на јазикот на Словените. Подготвен со тоа оружје тој со брата си бил испратен од византискиот император Михаил III во словенските земји Моравија и Панонија за да ги придобие за христијанството тамошните народи со мајчиниот јазик. Но биле засегнати интересите на месното германо-латинско духовенство. Тоа било ѓаволски насилено кон словенскиот јазик и започнало борба против него. На двајцата браќа словенски просветители им било наложено да се упатат кон Рим и своето дело да го бранат од непријателите пред самиот римски папа. Во Рим Константин тешко се разболел, бил потстрижан и како монах го добил името Кирил и по 50 денови починал на 27 февруари 869 година. Самиот папа Адријан го извршил погребот во црквата „Свети Климент Римски“. Житието на свети Кирил е напишано од свети Климент Охридски со помош на свети Методиј, Моравскиот архиепископ, брат на свети Кирил.

    Тропар
    Откако за своја сестра ја зеде премудроста, прилежно, уште од пелени, богогласен Кириле, и ја приведе како пресветла чиста девица, со неа си ја украсил својата душа, како со златни ѓердани, на Црквата ? се најде како втор Кирил, по име и по знаење, премудри.

    Кондак
    Со цврстиот ум и со боговдаховеното учење си го обиколил светот просветлувајќи ја вселената со пресветлите зраци, Кириле блажени, сеејќи го пресветлото слово Божјо на север, запад и југ. Но, имајќи смелост пред Христа, моли се за нас непрестајно.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica