Отворениот трезор, Регистарот на вистински сопственици, достапноста на договорите за јавни набавки, регистарот на избрани и именувани функционери во Државната комисија за спречување на корупцијата, електронско поднесување на изјавите за имотна состојба и интереси, јавната достапност на здравствените програми заедно со резултатите од нивното спроведување, се само дел од заложбите кои се иницирани и делумно реализирани преку Партнерството за отворена власт.
Во овој процес се отворени и се работи на уште десетици заложби за зголемување на транспарентноста на извршната, но и на законодавната и судската власт, на чија реализација Владата и институциите работат во партнерство со граѓанските организации.
Македонија веќе 15 години е дел од глобалната иницијатива за Партнерство за отворена власт. Нешто што во 2011 година започна како доброволна иницијатива на само осум држави, денес е собир во кој учествуваат над 70 земји и голем број граѓански организации. Во овој период македонската Влада, заедно со граѓанските организации работат на обезбедување поголема отвореност и одговорност кон граѓаните. Со потпишувањето на Декларацијата, извршната власт се обврза заедно со граѓанските организации најмалку на две години да подготвува и спроведува планови со конкретни заложби за промовирање на транспарентноста, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа и за поддршка на иновациите.
Партнерството за отворена власт е еден од ретките механизми во кои постои рамноправно партнерство и заедничко креирање политики на власта заедно со граѓанското општество, со еднаков глас и со заедничка одговорност за постигнување на резултатите. Целта е власта да биде по мерка на своите граѓани, а резултат на тоа во изминатите години е донесувањето на шест акциски планови, додека во тек е подготовката на седмиот. Акциските планови опфаќаат различни приоритети, како што се пристапот до информации, интегритетот и доброто управување, фискалната транспарентност, отворените податоци, транспарентност на локално ниво, но и антикорупцијата, дигитализацијата, граѓанското учество и животната средина и клима.
„Институциите се тие кои треба да ги отворат вратите и да ги примат граѓаните, да ги слушнат нивните предлози и критики и да се прилагодат на нив. Истражувањата во 2024 и 2025 година покажуваат значително опаѓање на довербата на граѓаните во јавната администрација. Задача на сите, меѓу кои и на граѓанските организации е да ги слушнат нивните потреби, да ги пренесат до институциите и да работат на враќање на довербата. Сето тоа го овозможува Партнерството за отворена власт, каде институциите стануваат свесни за потребите на граѓаните, ги прифаќаат критиките и спроведуваат реформи, со што и граѓаните ќе ја вратат дoвербата и ќе чувствуваат дека придонесуваат“, вели Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка од Фондацијата Метаморфозис и координаторка на Мрежата за Партнерство за отворена власт.
Првиот акциски план е донесен во 2012 година, а на седмиот се работи во моментот. Досега исполнети се заложбите за отворен трезор, преку која на сите граѓани, новинари и организации во секое време им се достапни онлајн податоци за сите плаќања кои ги врши државата. Во насока на намалувањето на корупцијата, земјава воспостави и функционален Регистар на вистински сопственици за јавно објавување на имињата на вистинските сопственици на фирми. Преку Партнерството за отворена власт делумно станаа јавни и информациите за фирмите што имаат склучено договори за јавни набавки, за склучени договори за концесии и за воспоставување јавно приватно партнерство, кои се трите основни видови на јавни договори на државните институции со приватниот сектор. Според достапните податоци, воспоставен е механизам за објавување, но не се објавени сите договори; во декември 2025 во Регистарот биле заведени 67 договори, а преку ЕСЈН биле објавени 8. Во рамките на Партнерството, отпочнати се и процесите за електронско поднесување на извештаи за финансирањето на политичките партии.
Во извештајот на Механизмот за независно известување (IRM) се нотира дека актуелниот акциски план 2024-2026 е амбициозен и опфаќа широк спектар на области на политиката во поддршка на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, како и дека е клучно јавните институции тесно да соработуваат со граѓанското општество за да постигнат силни резултати.
Покрај процесот на отвореност на извршната власт, во земјава се спроведуваат исти процеси и од страна на законодавната власт, Отворен парламент и судската власт, Отворено судство. Македонскиот парламент, во споредба со парламентите во регионот, според последното мерење во 2025 година е оценет со 70 од 100 можни бодови на индикаторите за отвореност. Една од целосно реализираните заложби, иницирана од Партнерството е информирањето на јавноста преку Собранискиот канал како и Парламентарниот караван, што е мобилен парламент кој нуди можност за директна комуникација на граѓаните со нивните избрани претставници. Оваа година Караванот е насочен кон младите и нивните ставови. Во делот на Отворено судство во моментот се работи на исполнување на заложбите од последниот Акциски план 2024-2026, меѓу кои подобрување на електронскиот судски портал, подобрување на односите на судовите со јавноста и други.
Во рамките на процесот за поттикнување на Партнерството за отворена власт, десет граѓански организации основаа Мрежа на граѓански организации за Партнерство за отворена власт (Мрежа за ПОВ), која денес брои 43 членки. Преку Мрежата, организациите се залагаат да биде слушнат гласот на граѓаните и за поттикнување на властите и институциите да ја зголемат нивната транспарентност, отчетност и партиципативност. Координатор на Мрежата е Фондацијата Метаморфозис, а девет организации се членки на Управниот комитет. Организациите преку Мрежата, покрај тоа што активно учествуваат во креирањето на националните акциски планови, ја мониторираат и нивната имплементација.
Претставници на граѓанските организации, заедно со претставници на Владата и институциите и други партнери работат и во Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт (Совет за ПОВ), кој има советодавна и одлучувачка улога во фазите на планирање, развој, спроведување, следење и известување за акциските планови. Советот е составен од 16 членови, а со еднаков број на членови учествуваат и институциите и граѓанските организации кои активно го следат спроведувањето на тековниот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт.
Сите информации од работата на полето на партнерството за отворена власт во изминатата деценија и половина, се дел од Порталот за Партнерство за отворена власт – ovp.gov.mk. Оваа платформа, подготвена од Фондацијата Метаморфозис во рамки на Проектот за граѓанско учество, се користи за информирање, консултации, следење и размена на знаења, но и како канал за директна комуникација меѓу сите засегнати страни кои работат на полето на отворената власт.
Текстот е подготвен во рамките на проектот „Заедно за Партнерство за отворена власт: Поддршка на процесот на имплементација и дизајнирање на иднината“, финансиран од Секретаријатот за Партнерство за отворена власт