7.1 C
Vinica
сабота, февруари 21, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Големо чествување на делото на Раде Силјан во Хрватска

    Униврзитетски професори, академици, хрватски македонисти, писатели, дипломати, уметници, новинари, студенти, ученици и членови на македонската заедница, во Загреб, заеднички, на највисоко ниво го чествуваа делото на еден од најзначајните македонски и јужнословенски поети на денешницата, Раде Силјан. Салата на централната загрепска библиотека „Богдан Огризовиќ“, вчера, на денот кога пред 86 години е објавена Рациновата „Бели мугри“, беше исполнета до последното место за одбележување два значајни јубилеја за Силјан и за македонската книжевност и култура, но и за македонската држава – 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на неговата прва поетска книга „Третиот лик на времето“. Настанот се одржа под покровителство на хрватското Министерство за наука, образование и млади, а во организација на МКД „Охридски бисер“ во соработка со градските библиотеки и читалници од Загреб, како централно чествување во рамките на манифестација „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“.

    Чествувањето го отвори раководителката на загрепската библиотека „Богдан Огризовиќ“, една од главните двигателки на културниот живот во Загреб, Јасна Ковачевиќ, притоа нагласувајќи ја значајноста на манифестацијата и посочувајќи го Силјан како најистакнат меѓу канонските македонски поети со активен опус, со творештво што е значаен дел и од јужнословенската книжевност. Присутните, од името на македонската држава ги поздрави амбасадорот, Н.Е. Драган Ѓурчевски, а од името на хрватскиот ПЕН-Центар и на Хрватското друштво на писатели се обрати поетот, писател и книжевен критичар, Иван Херцег, директор на меѓународниот фестивал „Стихот во регионот“. Жељка Ненадиќ од Секторот за образование на јазикот и писмото на националните малцинства при Управата за националните малцинства во Република Хрватска, како претставник на хрватските институции изрази задоволство што под хрватско институционално покровителство се одржува настан од ваков формат, искажувајќи подготвеност за натамошна поддршка за афирмацијата на македонскиот јазик, книжевност и култура во Хрватска. За поезијата на Раде Силјан говореа Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а модераторка на настанот беше професорката Ивана Брезовец, којашто е и координаторка на манифестацијата.

    – Меѓу македонските поети родени околу 1950 година коишто супериорно го претставуваат македонскиот поетски модернизам, но и воопшто меѓу промислувачите на смислата на постоењето преку стих коишто зачекорија во македонскиот културен простор од седумдесеттите години на минатиот век наваму, Раде Силјан се издвојува како единствен што остана дотолку доследен на определбата секоја негова песна да е промислување на суштината на времето што го живее, чувствува и мисли. Во исто време, мисловно-филозофски задуман за своето и нашето постоење и опстојување, заради што во неговата поетика, неслучајно критиката препозна и посебен вид македонска песна. Современ поет на македонската темпоралност, кој повеќе од половина век пее за времето сегашно, ама и за односот кон времето минато и времето идно. Канонски автор, стожерник на македонската книжевна стварност во последните неколку децении – еден од оние што имаат остварено најголем влог во вредносната вертикала на македонската поезија воопшто, издвои меѓу другото Антоновски.

    Надоврзувајќи се, Иван Антоновски одделно се осврна на доминантите во поезијата на Силјан, читајќи ја и како поетска историја на неговата и нашата некогашна и актуелна сегашност – историја на македонствувањето.

    Во салата на централната загрепска библиотека, стихови на Раде Силјан одекнаа на македонски и во препев на хрватски јазик од Борислав Павловски, а меѓу присутните беа и неговите наследници на Филозофскиот факултет во Загреб – професорите Ивица Баковиќ и Борјана Прошев-Оливер. Пред присутните, со благодарност и убав македонски збор се обрати и Силјан, поздравен со громогласен аплауз.

    Програмата на ова чествување на високо ниво беше збогатена и со фолклорен настап на ученици од хрватските училишта, со што во загрепската библиотека се слушна и македонската музика и се почувствува македонскиот ритам, што наиде на особено емотивен прием кај публиката.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica