
По повод започнувањето на глобалната иницијатива „16 Дена активизам за борба против насилство врз жените“, младите од волонтерската група на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, денес на Платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја претставија својата младинска кампања „Феминизам кој потфрла / Failed Feminism“.
Како што кажуваат од ХЕРА, кампањата е реакција на долгогодишните институционални пропусти во превенцијата и заштитата од родово засновано насилство, и јасно порача дека кога реформите се сведуваат на симболика, последиците ги носат жените, девојките и маргинализираните заедници.
„Феминизам кој потфрла“ е јавно предупредување дека институционалните пропусти, политичката неамбициозност и нормализираното игнорирање на женските искуства создаваат реална, опасна и скапа празнина меѓу ветената и вистинската еднаквост.
„Кампањата беше започната со акција на кампусот при УКИМ, која преку силни визуелни пораки го отвори прашањето: што точно славиме кога велиме дека сме родово еднакво општество? Изминатиот период сведочевме многу фемициди, кои доколку се случуваат откако е пријавувано насилството а институциите затајуваат да ги заштитат жртвите, се всушност системски форми на родово засновано насилство и дискриминација кои остануваат маскирани зад статистики што ретко ја кажуваат вистината,“ велат од Хера.
Анастасија Трошанска, младинска активистка и студентка вели дека овие 16 дена не се само симбол туку и потсетник дека насилството е општествен птоблем.
„Овие 16 дена не се само симбол. Тие се потсетник дека насилството не е приватна работа, туку сериозен општествен проблем. Во нашата држава сè уште многу случаи остануваат непријавени поради страв, недоверба и убедувањето дека ‘ништо нема да се промени’. Затоа бараме подобри системски решенија, поголема одговорност и професионална подготвеност на сите служби,“ вели Трошанска.
„Жените и девојките се без соодветни информации како да препознаат разни форми на насилство, како да се заштитат и што е најтрагично, оставени се без поддршка ако се осмелат да пријават. Потребна е поголема меѓусекторска соработка и навремено изрекување на мерки по пријавено насилство! Само со заеднички сили може да направиме побезбедно, поправено и напредно општество,“ изјави Марија Ѓорѓиевска,
младинска активистка.
Пред Платото на УКИМ, Савче Ѓошева, изјави дека е важно да се понуди решение кога институциите не ги штитат жените.
„Во момент кога се соочуваме со драстичен број на фемициди и родово базирано насилство во закоравен патријархат, од клучно значење е да се заштитиме како жени и понудиме решенија кога институциите нè не штитат. Секој настан каде може да се говори за насилство врз жени е клучен за понатамошен активизам,“ кажува Ѓошева, младинска активистка.
„Во услови кога секојдневно се регистрираат нови случаи на насилство врз жени, неопходно е да се нагласи дека овој феномен не претставува изолиран проблем, туку системски неуспех кој предолго се толерира. Потребни се навремени и координирани институционални реакции, ефикасни механизми за заштита и јасни политики што ќе ја постават безбедноста на жените како реален приоритет, а не како декларативна определба. Во тој контекст, загрижува фактот што најавуваните измени во Кривичниот законик и покрај повеќекратните случаи на фемицид, само во последните неколку месеци, сè уште не се реализирани, а истите ќе мора да го опфатат и порастот на сексуалното насилство преку фотографии, манипулирани содржини и дипфејк-технологии. Како млади, жени, бараме итно усвојување на суштински реформи кои ќе гарантираат превенција, заштита и одговорност,“ изјави на настанот Иларија Димулкова, студентка и младинска
активистка.
Исто така повикаа на следење на кампањата на социјалните мрежи на ХЕРА која содржи: видеа, истражувачки содржини и куса документарна продукција, со цел да се разобличат митови, да се отвори критички дијалог и да се понудат конкретни препораки за институционални промени.
„Феминизам кој потфрла“ упатува јасен повик: да се изгради систем кој не се потпира на симболика, туку обезбедува реални механизми за заштита, отчетност и еднаква распределба на моќта.
„Родовата еднаквост не е трошок, ниту тренд. Таа е услов за функционална демократија, здрави заедници и одржлив развој. Затоа, кампањата бара суштински реформи, зголемена институционална отчетност и политички одлуки што ќе ги стават женските права во центарот на јавните политики, секој ден, а не само за време на 16 Дена Активизам“, велат од ХЕРА.



