Новата концертна сезона на Македонската филхармонија се отвора в четврток, во 20 часот со концертот насловен „Класика РеСтарт“ на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантјаго Канон Валенсија, а диригент е маестро Јерухам Шаровски. На програмата се дела од Бете Илин, Едвард Елгар и Антонин Дворжак.
Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, потенцираше дека новата концертна сезона 2025-2026 е насловена „#Без филтер“ бидејќи класичната музика не подлежи на вештачки разубавувања, дека станува збор за уметност без шминка, без технолошки разубавувања, уметност во својот најавтентичен облик.
„Во Виена ќе се претставиме со спој на македонската традиција и европската класика – ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори – Глигор Смокварски, Бете Илин, Сони Петровски како и Симфонијата број 8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски. Ова е историски момент за нашиот оркестар, но и за нашата држава чија музичка култура и традиција ќе ја претставиме на најдобар начин, како најстар и единствен симфониски оркестар во државата. Македонската филхармонија уште еднаш ќе испише историја, и ќе докаже дека културата е најсилниот дипломатски инструмент и најдобар амбасадор на државата во светот“, истакна Имери.
Директорот на Филхармонија го најави и гостувањето во „Музикеферјан“ во Виена , на 28 октомври, на матичната сцена на која познатата Виенска филхармонија ги одржува своите концерти, меѓу кои и еден од најпознатите – Новогодишниот концерт кој се одржува секој 1 јануари.