Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со директорот на ДИЗ Јане Станкоски и државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски, денеска во Прилеп одржа редовен работен состанок со откупувачите на тутун. На состанокот со откупувачите се разговараше за тековниот откуп на тутун, просечната откупна цена, како и за мерки што би значеле доголорочен развој и одржливост на тутунопроизводството.
Како и секоја година така и оваа, навремено уште пред почеток на бербата и откупот, ги започнавме разговорите меѓу откупувачите и тутунарите, за да дојдеме до цена прифатлива за двете страни, цена која е фер и ја почитува маката на тутунарите.
„Нашата упорност, но и обединетоста на тутунарите, придонесе овие денови да гледаме уште едно зголемување на откупната цена за 35 денари, доаѓајќи до просечна цена од 365 денари по килограм. Овде во Прилеп договоривме дека и другите откупувачи ќе ја следат зголемената цена, и најдоцна до утре сите ќе направат анекси на договорите, за целокупната количина предаден тутун“, истакна по средбата со откупувачите на тутун министерот Николовски.
Министерот Николовски додаде дека покрај цената, заедно со откупувачите на средбата се разговараше и за мерки и политики што треба да допринесат во сигурен развој и одржливост на тутунопроизводството.
“Во таа насока, за оваа година, креиравме нови мерки за поддршка на тутунарите, основна субвенција по пријавена површина тутун, од 6.000 денари по пријавен хектар. Тутунарите преку оваа нова мерка, за прв пат, стекнуваат право и за мерката зелена нафта, во износ од 12.000 денари по хектар. Оваа реклота за 20 денари ја зголемуваме субвенцијата по класи за предаден тутун. Секој еден тутунар покрај овие 365 денари откупна цена на тутунот, би добил и 100 денари по килогам, субвенција за предаден тутун од прва класа. Вкупна поддршка за прва каласа тутун од 465 денари добива секој тутунар“, изјави министерот Николовски.
Министерот Николовски додаде дека во насока на уште поголем развој беше отворено прашањето и за измени во досегашниот закон за тутун. Веќе на 19 и 20 февруари е закажан нов состанок на кој работна група од министерството, заедно со претставници на откупувачите и тутунарите ќе ги разгледува предлозите за измени во законот за тутун.
Во рамки на теренските активности во Прилеп министерот Николовски изврши и посета на откупниот центар Пашовски, каде лично имаше можност да го види текот на откупот и да разговара со тутунарите.
Тутунарите се задоволни. Имаме фер цена, зголемена по втор пат оваа сезона. Претходното зголемување на цената беше уште во декември 2023 година, за 10% по одлуката која ја донесе Тутунскиот Комбинат Прилеп, а другите откупувачи и тогаш го следеа овој пример и ги зголемија цените.
Водиме искрена грижа за сите земјоделци. Креираме повеќе нови мерки поддржувајќи го секој еден земјоделец. Мерки според потребите на земјоделците, преку кои ќе постигнеме одржливост и развој во земјоделството.