Израелска рекламна агенција со години прикажувала милиони интернет-реклами преку кои можело да се инсталира шпионски софтвер на уреди без корисниците воопшто да кликнат на нив, покажува истражување на канадската организација „Citizen Lab“.
Истражувачката единица за дигитални истраги при Универзитетот во Торонто соопшти дека десетици уреди на катарската телевизија „Ал Џезира“ биле компромитирани со шпионски софтвер доставен преку реклами што ги прикажувала компанијата „Discover-Tech“, објави Гардијан.
Компанијата, која се претставува како специјализирана агенција за дигитално рекламирање, управува со софтверската платформа „Controlium“. Според „Citizen Lab“, платформата овозможува масовно профилирање и идентификување на корисници на интернет, а потоа и нивно тајно таргетирање со шпионски софтвер од трети страни.
За разлика од вообичаените сајбернапади, при кои жртвата треба да отвори линк или датотека, таканаречениот „zero-click“ напад не бара никаква интеракција од корисникот.
„Екосистемот на онлајн рекламирање се злоупотребува во огромни размери за профилирање на милиони корисници, а потоа за тивко заразување на избрани цели со комерцијален шпионски софтвер“, се наведува во извештајот.
Според „Citizen Lab“, „Controlium“ може да ги собира идентитетот и IP-адресата на корисникот во моментот кога на корисникот ќе му биде прикажана навидум безопасна реклама, на пример за игра или телекомуникациска услуга.
Ако корисникот претходно бил избран како цел за следење, компанија што развива комерцијален шпионски софтвер потоа може да испрати злонамерен код до неговиот уред, тврдат истражувачите.
„Citizen Lab“ проценува дека реклами на „Discover-Tech“ од 2024 година биле прикажани на милиони корисници ширум светот, меѓу кои во Јемен, Бразил, Мексико и Чешка.
Дополнително истражување на групата „Confiant“ укажува дека рекламите на компанијата се појавувале и на мрежи што ги користат владини институции во Европа и САД, како и Обединетите нации, НАТО, Меѓународниот кривичен суд и Меѓународната агенција за атомска енергија.
Според „Citizen Lab“, „Controlium“ дејствува како посредник за компании што нудат шпионски софтвер и кои таргетираат владини функционери, новинари, бизнисмени, активисти, академици и вработени во амбасади.
Истражувачите тврдат дека таквиот шпионски софтвер може да овозможи пристап до содржината на уредот, пораки, фотографии и електронска пошта, како и снимање телефонски разговори и тајно активирање на микрофонот.
Истражувачите предупредуваат дека целосниот обем на наводното таргетирање овозможено преку „Discover-Tech“ засега не е познат.
Волфи Кристл, истражувач во организацијата, оцени дека е загрижувачки што големите рекламни компании и организации наводно не успеале со години да ги откријат или спречат ваквите активности.
„Начинот на кој денес функционира екосистемот на онлајн рекламирањето е безбедносна закана за државите, приватниот сектор, граѓанското општество и сите други“, рече Кристл.