На 1 ноември, со почеток во 19 часот, во Културниот центар „Јадро“ во Скопје ќе биде отворена изложбата „Делови“ на Марко Угарковиќ, етаблиран македонски концертен фотограф.
„Угарковиќ е дипломиран филмски режисер што низ фотографијата гради сопствен визуелен јазик, во кој светлината, просторот и телото стапуваат во драматичен, но и сензуален дијалог. Во неговата претходна изложба „Сенки, светло и сцена“, овој интерес се сретна со сценскиот свет, отворајќи простор за истражување на визуелната експресија и драматичноста на сцената“, велат организаторите.
Во „Делови“, неговиот објектив се приближува до светот на балетот, откривајќи го не само како изведувачка уметност, туку и како дисциплина што бара неверојатна физичка сила, издржливост и посветеност. Зад елеганцијата на движењето стојат часови работа, контрола и напор: невидливата страна на совршенството што публиката го доживува на сцената.