Македонската државјанка С. Љ. е обвинета дека незаконски гласала на изборите во Соединетите Американски Држави кои се одржаа во ноември 2024 година, соопшти американското Министерство за правда.
Обвинението против нејзе било поднесено на 30 септември годинава, а случајот на 1 октомври го објави Канцеларијата на американскиот обвинител за Источниот округ на Висконсин. Според наводите во кривичната пријава, С. Љ. е родена во Македонија и е македонска државјанка, но не е државјанка на САД. Федералните обвинители тврдат дека на 5 ноември 2024 година таа гласала на федералните избори во градот Шебојган во сојузната држава Висконсин, иако како лице без американско државјанство немала право да гласа на федерални избори.
Во пријавата се наведува и дека С. Љ. се регистрирала како гласач истиот ден кога се одржувале изборите. При регистрацијата потпишала формулар за регистрација на гласачи во Висконсин во кој потврдила дека е државјанка на САД. Обвинителството тврди дека таа изјава била невистинита.
Министерството за правда наведува дека обвинетата подоцна била интервјуирана од федерален службеник за спроведување на законот и дека во разговорот признала оти на 5 ноември 2024 година се регистрирала и гласала во Шебојган.
Според податоците од имиграцискиот суд на кои се повикува Министерството за правда, С. Љ. била приведена на 13 август годинава при обид повторно да влезе во САД. Во септември, во рамките на постапката за нејзино отстранување од земјата, ѝ било дозволено доброволно да се врати во Македонија. Според соопштението од американските власти, ако таа повторно се обиде да влезе во САД ќе биде уапсена.
Во соопштението е цитиран првиот помошник американски обвинител за Источниот округ на Висконсин, Бред Шимел, кој нагласува дека американските власти го сметаат зачувувањето на изборниот интегритет како исклучително важно и дека гласањето на лица кои не се американски државјани е незаконско.
Министерството за правда на САД посебно нагласува дека кривичната пријава претставува само обвинение и не е доказ дека С. Љ. го сторила делото за кое се товари. Таа се смета за невина сè додека евентуалната вина не биде докажана пред суд.