12.7 C
Vinica
четврток, октомври 1, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    То Вима: Грција бара измени во македонските учебници поради наводни прекршувања на Договорот од Преспа

    Грција бара Македонија да направи измени во учебниците за основно образование поради сомнежи дека не се во согласност со Договорот од Преспа, објави грчкиот весник То Вима. Ова го посочила заменик-министерката за надворешни работи на Грција, Александра Пападопулу, во грчкиот парламент во одговор на прашање од пратеникот Јоргос Рунтас од десничарската партија Ники.

    Според То Вима, Рунтас изнел тврдења за, како што ги нарекол, „иредентистички референци“ и присвојување на историјата на античка Македонија во новите учебници што се користат во Македонија, а Пападопулу рекла дека Атина продолжува да инсистира на промени во делови од македонските учебници.

    Рунтас конкретно се повикал на официјален учебник за шесто одделение по македонски јазик. Според неговото толкување, проблем било тоа што во учебникот се зборувало за „македонски јазик“, татковината се опишувала како „секогаш поробена и измачувана“, а Александар Велики се нарекувал „Александар Македонски“.

    Пратеникот побарал од грчката влада да објасни какви чекори презела преку Заедничката интердисциплинарна комисија, формирана врз основа на Преспанскиот договор, за да побара отстранување на спорните содржини.

    Одговарајќи на прашањето, Пападопулу нагласила дека учебниците ги одобрува и печати надлежното министерство за образование на секоја од двете држави. Сепак, според неа, грчката страна продолжува да бара она што го смета за прецизно претставување на историските настани, терминологијата, како и потеклото и идентитетот на историските личности, меѓу кои Александар Велики и Филип Втори.

    Грчката заменик-министерка притоа се повикала на членовите 7 и 8 од Преспанскиот договор од 2018 година.

    „Членот 7 од договорот ги утврдува различните разбирања на термините „Македонија“ и „македонски“ кај двете страни, додека членот 8 предвидува формирање заедничка комисија за историски, археолошки и образовни прашања“, рекла таа.

    Со договорот, комисијата доби задача да ги разгледува наставните програми, учебниците, картите, историските атласи и други наставни материјали и, доколку оцени дека е потребно, да предлага нивна ревизија во согласност со принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. Во членот 8 експлицитно се наведува и обврската во учебниците и помошниот наставен материјал да нема иредентистички и ревизионистички референци.

    Уште на четвртиот состанок на комитетот, одржан во Охрид во мај 2019 година, претставниците на двете земји соопштија дека извршиле детално разгледување на наставните програми, учебниците и помошниот наставен материјал и дека тие треба да бидат ослободени од иредентистички и ревизионистички содржини. Тогаш беше договорена и методологија за разгледување на материјалите.

    Работата на комитетот продолжува и годинава. Неговиот единаесетти состанок се одржа на 12 мај 2026 година во Атина. Во заедничкото соопштение од состанокот беше наведено дека двете делегации се согласиле да продолжат да работат согласно одредбите на Преспанскиот договор и ги потврдиле претходно договорените записници. Следната, дванаесетта средба треба да се одржи во Македонија до крајот на 2026 година.

    Прашањето за учебниците е дел од пошироката дебата меѓу Скопје и Атина за спроведувањето на Преспанскиот договор, кој стапи во сила во февруари 2019 година и со кој, меѓу другото, беше утврдено уставното име Република Северна Македонија. Во последните години грчките власти во повеќе наврати реагираа и на употребата на името Македонија од страна на македонски функционери, сметајќи дека во официјален контекст мора да се употребува уставното име на државата.

    Извор: То Вима

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.