Безбеден град се проширува во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, на подрачјето каде што делува Секторот за внатрешни работи- Охрид, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој, посочи дека во моментот во тек се завршните подготовки на командниот центар неопходен за практична примена на системот „Безбеден град“ во овие градови, кој треба да започне со примена од 12 октомври.
„Во завршна фаза сме со уредувањето на командниот центар во СВР Охрид, кој е неопходен за да започнеме со практична примена на ‘Безбеден град’. Начелно се договоривме со раководството дека ќе бидеме подготвени системот да започне со примена од 12 октомври на целата територија на СВР Охрид. Тоа значи дека ‘Безбеден град’ го прошируваме и на подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Во следните две недели треба да ги завршиме преостанатите активности за овој паметен систем целосно да го ставиме во функција“, истакна министерот Тошковски.
При посетата на Регионалниот центар за гранични работи Запад, министерот информираше и за значаен исчекор во соработката со ФРОНТЕКС. Договорено е активностите што досега се спроведуваат на јужната граница да бидат проширени и кон западната граница, при што почетокот на заедничките активности се очекува на почетокот на идната година.
„За првпат е договорено ФРОНТЕКС, во рамки на соработката што ја имаме со Европската Унија, своите активности да ги насочи и кон западната граница, а не само кон јужната како досега. Очекуваме заедничките активности да започнат на почетокот на идната година, со што ќе обезбедиме дополнителни капацитети и подобра контрола на западната граница, пред сè кон Албанија“, потенцираше Тошковски.
Министерот нагласи дека Министерството за внатрешни работи продолжува со активности за модернизација на полициското работење, зајакнување на граничната безбедност и унапредување на капацитетите на полициските служби, со цел поефикасно справување со безбедносните предизвици и поголема безбедност на граѓаните.