14.7 C
Vinica
среда, септември 23, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Ниту една држава не е имуна на изборните дезинформации и не може сама да се бори против нив

    Контакт точки во сите институции поврзани со изборите кои ќе бидат надлежни да реагираат доколку се случуваат изборни дезинформации или инциденти, и кои ќе им бидат на располагање на медиумите коga креираат вести, потоа дефинирање на инцидентите и каква треба да биде реакцијата на нив и кој треба да реагира преку утврдување договорен меѓуинституционален протокол, обезбедување независност на граѓанскиот сектор и медиумите, особено проверувачите на факти и поддршка од институциите за пристап до кредибилни информации. Ова се дел од препораките од Нацрт-патоказот за политики и отчетност што предлага мерки и активности против Странско мешање и манипулации со информации – ФИМИ, кои беа презентирани на настанот „Од докази до акција: Зајакнување на отпорноста кон изборно поврзани ФИМИ во Северна Македонија“, во организација на Фондацијата Метаморфозис, во соработка со Интернешенел ИДЕА и Амбасадата на Канада.

    Амбасадорката на Канада во Србија, Црна Гора и С. Македонија, Мишел Камерон | Фото: Ванчо Џамбаски

    Мишел Камерон, амбасадорка на Канада во Србија, Црна Гора и Северна Македонија, истакна дека ниту едно демократско општество не е имуно на ФИМИ, ниту пак може самостојно и изолирано да се бори против изборните дезинформации.

    „Го немаме луксузот да мислиме дека ФИМИ се туѓ проблем, како во Канада, така и во секоја демократска земја, без разлика колку е голема или мала, тие се предизвик пред кој ниту една држава не може сама да се соочи. Во тој процес институциите се важни, но не се доволно силни, иако на пример, Канада има нови закони за ФИМИ, но не може да сметаме дека се само владина, туку и одговорност на граѓанските организации и медиумите. Мора да обезбедиме прецизна комуникација со граѓаните, кои не треба да се доведат во ситуација да се плашат и да мислат дека на ништо не треба да веруваат, туку да ја добиеме нивната доверба. Изборите се заедничка цел базирана врз доверба и граѓаните треба да веруваат дека резултатите се коректни“, смета Камерон.

    Алберто Фернандез Гибаха, раководител на програмата за дигитализација и демократија во Интернешенел ИДЕА, посочи дека заедничката цел на сите кои се соочуваат со ФИМИ е зајакнување на демократијата, а градењето отпорност во Македонија влијае и на секоја друга држава која се бори со изборните дезинформации. Според него, Нацрт-патоказот на Матаморфозис е креиран врз база на докази и дијалози од повеќе години и кој ги отсликува најважните пристапи како треба да се постапува за време на изборните процеси и по нив, како и на кој начин да се зајакне соработката со сите партнери и отпорот кон ФИМИ.

    Нацрт-патоказот за политики и отчетност предлага мерки и активности против изборни дезинформации кои можат да се реализираат веднаш и без законски прилагодувања, а вклучува и мерки кои ќе треба да се имплементираат на подолг рок бидејќи бараат законски измени или поширок политички дијалог.

    Алиса Шајбле од Интернешенал ИДЕА и Горан Ризаов од Фондација Метаморфозис | Фото: Ванчо Џамбаски

    Според Горан Ризаов од Фондацијата Метаморфозис, патоказот предлага во најбрз рок да се именуваат контакт лица во институциите за комуникација во случаи на ФИМИ, кои ќе имаат обврска за реакција во случаи на изборни инциденти, како и утврдување на протокол кој и како треба да провери сомнителни тврдења, кој утврдува дали станува збор за сајбер инциденти или пак потенцијално кривично дело поврзано со избори, во кој момент ќе има реакција и кој треба да реагира пред јавноста, кој и како ќе треба да зачува докази поврзани со инцидентот и слично, прашања кои треба да имаат одговори пред да се случат инцидентите.

    „Ранливоста од ФИМИ не е нова, земјата има длабока политичка, идеолошка и етничка поделба, има кревок медиумски пазар и ниско ниво на доверба во медиумите и во институциите. Голем дел од политичката комуникација се одвива онлајн, каде што се случуваат и проблемите. Заради тоа и отчетноста на платформите мора да биде реалистична, да постојат именувани контакти, да има податоци за политичкото рекламирање и кој го плаќа за време и пред и по изборите. Бидејќи, конкретно за изборите во 2025 година нашиот мониторинг покажа дека најголемите политички страници, најчесто поврзани со лидерите на партиите, а не кандидатите, потрошиле над 150.000 евра само на платформите на Мета“, вели Ризаов.

    Тој посочува дека е потребно откочување и на процесот на измените на Изборниот законик што ќе треба да ги регулира онлајн кампањите и информациите за потрошените пари за политичко рекламирање, како и да се направи спојување на регистарот на АВМУ со изборниот рекламен регистар на ДИК. Патоказот предлага и обврска по завршувањето на секои избори да има ревизија на активностите и инциденте кои се случиле, колку време требало институции да реагираат, каков е одговорот на платформите и слично.

    Билјана Настеска Каланоска од ЗНМ и Зорана Гаџовска Спасовска од Колегиум.мк | Фото: Ванчо Џамбаски

    Во поглед на отпорноста на медиумите за време на избори, Билјана Настеска Каланоска од Здружението на новинарите го отвори прашањето за информацискиот интегритет и независноста на медиумите во услови на платено политичко рекламирање во процесот на избори. Според Настеска Каланоска финансирањето  од буџетот е проблем не е само во поглед на фактот на кој начин и колку средства се распределуваат, туку и какво е нивното влијание во уредувачката политика. Таа ги нагласи и значењето на следењето на професионалните и етичките стандарди во изборното известување и начелото на напристрасно информирање и проверување на вестите, особено во услови кога се шират многу брзо, како еден од начините на стопирање на ФИМИ.

    Според Перо Момировски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ, проблем е што во земјата постојат голем дел од медиуми на кои опстанокот им зависи токму од платеното политичко рекламирање за време на изборите, а дополнителен проблем е што основата за добивање на средства не се квалитетен или професионален медиум.

    „Секоја спонзорирана содржина и политичко рекламирање мора да се истакне, но во предизборниот период во многу случаи тоа не е пракса“, смета Билјана Георгиевска, извршната директорка на Советот за етика во медиумите. Таа ги посочи и Кодексот на новинарите и неговите новини поврзани со влијанието на инфлуенсерите на социјалните медиуми и употребата на вештачката интелигенција и нагласи дека во процесот на известување на изборните теми, треба се одржува баланс кој нема да биде само привиден.

    „Не само политичките и партиските притисоци влијаат на отпорноста на медиумите, која многу зависи и од економската независност“, вели Зорана Гаџовска Спасовска, уредничка на Колегиум.мк и додава дека медиумите се соочуваат со недостаток на луѓе и време потребни за проверка на вистинитоста на информациите, а истовремено се соочени со институциите и политичарите кои имаат цели тимови кои брзо креираат и споделуваат информации и многу често, наместо со јавноста, комуницираат меѓу себе.

    Филип Стојановски од Фондација Метаморфозис и претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ | Фото: Ванчо Џамбаски

    Според Бојан Маричиќ претседател на ДИК, изборите се одвиваат и во дигиталниот простор, каде се добиваат мноштво информации и се креира мислење, заради што заштитата од ФИМИ не е насочена само на гласачкото ливче, туку и на информацискиот простор.
    „Постои голема потреба од сајбер безбедност и заштита од ФИМИ, но мора да внимаваме тоа да не биде по цена на слободата на изразување. Патоказот е одличен документ, особено за сите надлежни институции кои имаат платформа за разговор. Потојат многу искуства од други држави како се справуваат со ФИМИ, како што е случајот со Шведска, каде има Агенција за психолошка одбрана и специјална организација за заштита на медиумскиот простор, а резултатите се видливи со намалување на ФИМИ помеѓу два изборни циклуси“, рече Маричиќ.

    На настанот учествуваа и претставниците на Министерството за дигитална трансформација, Александар Османли и на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Сашо Богдановски.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.