Големиот пожар кој од Косово навлезе во земјава и гори во близина на села во Општината Ѓорче Петров има огнена линија поголема од пет километри, а мирисот на чад може да се почувствува во повеќе населби во Скопје. Од почетокот на јуни до крајот на август, според податоците од Центарот за управување со кризи, во земјава имало речиси 70 шумски пожари, а штетите допопнително ќе се утврдуваат. Во овој период имало и 1.627 пожари во кои горела висока сува трева, стрништа, нискостеблеста деградирана шума и ѓубришта.
Денеска, според информациите од Центарот за управување со кризи регистрирани се вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, пет се под контрола, а два пожари се изгаснати. Пожарникарите, се борат со огнените стихии во Општина Струга помеѓу селата Буринец и Локов, во Сарај кај селото Копаница, во Студеничани каде што гори ниска вегетација и мешана шума, во Општината Македонски Брод кај селото Белица, во Ново Село, како и во Ѓорче Петров каде кај селото Грачани пожарот од Косово се прошири на нискостеблеста шума.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов вели дека состојбата со пожарите во земјава е алармантна, а со зголемување на температурите не очекуваат и нови предизвици. Пожарот во Штипско кој излезе од контрола во текот на вчерашниот ден заради силниот ветер сега е под контрола. Има нови жаришта и на Китка во близина на неколку села, за кои Ангелов вели дека се најверојатно подметнати. Тој информира дека активен е и пожарот меѓу Струга и Дебар каде денеска во гаснењето помага и армиски хеликоптер заедно со локалните пожарникари и вработени од Национални шуми.