28 C
Vinica
вторник, септември 1, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Од утре започнува нова учебна година, иселувањето од земјава затвори 148 училишта

    За 238 илјади основци и средношколци денеска завршува летниот распуст за учениците и од утре започнува новата учебна година. За прв пат во училишните клупи ќе седнат 14.952 првачиња. Вкупната бројка на празни училишни објекти во Македонија, претежно во руралните средини е 148, а негативниот тренд налага и реорганизација на училишната мрежа и работата на училиштата.

    Новата учебна 2026-2027 година започнува утре и наставата за сите ученици ќе трае до 10 јуни, освен за матурантите кои завршуваат на 17 мај.

    „Трета година по ред учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Истите се испорачани и уште утре можат да им бидат поделени на учениците. Годинава, набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да бидам министерка“, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

    Вообичаено, нови испечатени комплети учебници има за децата во прво, втор и во трето одделение, со оглед дека тоа се учебници во кои има и работни листови. Нови книги има и за учениците во осмо одделение и за втор клас во гимназиско образование, каде ќе се учи по нови наставни програми.

    Во 620 училишни објекти од вкупно 1.023 во основното и средното образование ќе има едносменска настава, која според Јаневска, обезбедува поголема концентрација на часовите, поголема социјализација, задржување на училиште доволно за да се совлада целиот материјал и да се стекнат соодветни вештини.

    Meта минатата недела објави дека намалениот наталитет и иселувањето на младите од државата, секоја година се причина за сè помалиот број првачиња кои се запишуваат во македонските училишта. Новата учебна година е „зад врата“, а досега, во прво одделение на ниво на држава се запишале околу 14.500 првачиња. Оваа бројка, пред една декада беше 23.266.

    Секоја учебна година, во училиштата се запишуваат сè помалку првачиња, а голем е и бројот на децата кои не го ни дочекуваат крајот на учебната година, бидејќи во меѓувреме, среде учебна година, се иселуваат во друга земја со нивните семејства.

    Во 2016 година во земјава имало 23.266 првачиња, а следната година бројката се намалила на 21.656. Годината потоа во училиште се запишале 22.130 нови деца, а во 2019 бројката била 20.656. Во 2020, на училиште тргнале 21.053 првачиња, а следната година имало 21.158. Бројот од година в година се намалува, па лани, на училиште пошле 17.921 ученик, а годинава оваа бројка изнесува околу 14.500. Сепак, во МОН нагласија дека тоа не е дефинитивниот број затоа што до крајот на септември трае запишувањето на првачиња кои задоцниле на рокот за упис.

    Демографот Дончо Герасимовски кажа дека ако се анализираат бројките, вредно е да се спомене и разликата од околу 1.000 ученици на почетокот на учебна година споредено со крајот на учебната година. Тоа значи дека во текот на учебната година тие го напуштиле училиштето и се иселиле. Тој неколку пати досега има кажано дека е потребно да се направи стратегија за развој на популациона политика, како и стратегија за образование, како решение за ваквата состојба.

    „Ја анализирам и состојбата во другите држави. Светските демографски движења се секаде присутни. Секаде се селат, и во Бугарија, Србија, Албанија. Сепак, потребно е државата посериозно да се позанимава со оваа проблематика“, апелира Герасимовски.

    Минатата година, Мета на 1 септември беше во селото Фурка, општина Дојран, каде што на училиште појде само едно прваче.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.