Новиот јавен портал е‑наука е единствена национална електронска база на податоци за сите истражувачи кои вршат научно‑истражувачка работа. Порталот беше промовиран денеска, а таму се истражувачите, научно-истражувачките организации, како и статистиките и индикаторите за истражувачите. Е-наука е поврзан и со глобалните бази на истражувачки резултати Web of Science, Scopus и Google Scholar, со што овозможува прикажување индикатори, резултати, цитираност и h – индекс.
Министерката Весна Јаневска ги повика сите истражувачи од државните и приватните универзитети и високообразовни установи, од јавните и од приватните научни установи, научни институти и од МАНУ, како и самостојните истражувачи што работат во Македонија, но и истражувачите со македонско потекло кои работат на странски универзитети, да пополнат апликација и да влезат во електронскиот регистар е-наука.
Досега во системот се регистрирани 229 истражувачи. За секој од нив е прикажано формалното образование, вработување, научно звање, установата или факултетот каде работи, научното поле каде истражува, односно научно истражувачка идентификација, како и индикатори и резултати од застапеност во трите глобални научни бази – Scopus, Web of Science и Google Schoolar.
Преку е-наука, истражувачите добиваат можност за поедноставно поврзување со индустријата, односно преку напредни пребарувања, бизнисите сега можат да идентификуваат кој научник или истражувач се занимава со областа што им е од интерес.
„И јавниот сектор, сите институции, агенции и фондови добиваат транспарентен преглед на нашиот национален истражувачки капацитет, можност за контакти и за носење одлуки засновани на научни докази“, кажа Јаневска.
Во МОН информираат дека од година во година расте буџетот за научно-истражувачка дејност. Во 2024 година биле затекнати 380 милиони денари, а веќе следната 2025 година, за наука биле одвоени 680 милиони денари. Годинешниот буџет за наука има 773 милиони денари.