Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-711/26, во јавноста познат како „Талир“, по одржана нејавна седница донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја одби како неоснована и ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје.
При постапувањето и одлучувањето, Судот оценил дека преземените дејствија од страна на обвинетиот Никола Груевски, како одговорно лице во правното лице, биле во рамките на неговите овластувања и не се изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје дека постапувањето на обвинетиот е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.
„Во текот на постапката Основното јавно обвинителство Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП Бетон имал својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија, вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија, ниту пак постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија, тие средства да ги врати“, велат од Апелациониот суд.