Ќе се градат шест нови автопатски делници, а проектот Блаце – Скопје почнува на крајот на месецов, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека следниот месец се очекува и делницата Букојчани – Кичево, како и засилување на динамиката на автопатот Кичево – Охрид. Во октомври ќе биде пуштена делницата од Извор до Врбјани, а целиот проект да заврши во првиот квартал од 2027 година.
Мицкоски најави засилена динамика и на трите делници од Коридорот 8 и Коридорот 10д, Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, а ги спомна и секцијата два од источното крило на железничкиот Коридор 8 и најави објавување јавен повик и за секцијата три.
„Денеска во Македонија на повеќе од 1.200 места се гради, што за нас е многу значајно бидејќи на тој начин се ангажира домашната оператива и е сериозен индикатор за подобра економска активност. Економската активност предизвикува и добри економски резултати, а во периодот којшто следи очекувам сè позасилена ваква активност, посебно во делот на градежништвото“, рече Мицкоски.