Министерството за внатрешни работи испитува 13 лица во врска со случајот на ширењето на лажните информации на социјалните мрежи за наводно загадување на водата за пиење во Скопје. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР, со лицата извршил службен разговор, а сите изјавиле дека информациите ги објавиле или споделиле откако претходно виделе слична објава на социјалните мрежи или слушнале од друго лице. Притоа, никој од нив не посочил конкретен, потврден или веродостоен извор кој би ги поткрепил тврдењата за загадување на водата.
Од МВР велат дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ќе продолжи со прибирање и анализа на податоци со цел да се потврдат сите околности поврзани со настанот, како и начинот на кој информациите се појавиле и понатаму се ширеле во интернет просторот.
„Апелираме до граѓаните да не споделуваат информации чија точност не е проверена и да се информираат исклучиво од официјални и релевантни извори. Одговорното користење на социјалните мрежи и проверката на информациите пред нивно објавување или споделување се од суштинско значење за спречување на дезинформации и заштита на јавниот интерес,“ велат од МВР.