Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска изрази сериозна загриженост поради директните закани по животот, повиците за насилство и етнички заснованите навреди упатени кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов, преку коментари на објава на неговата официјална Фејсбук-страница која води до неговата колумна за Независен.мк со наслов „Додека умира надежта за поубаво утре“.
ЗНМ побара Министерството за внатрешни работи детално да го провери случајот бидејќи дел од коментарите содржат експлицитни повици за негово физичко елиминирање и смрт. Како што посочуваат од ЗНМ, во еден од коментарите се вели: „дали ќе се најде јунак на ова ѓубре подсекушка како ќосето со камата да расчисти“, додека во друг се поставува прашањето: „Нема ли кој да го реши Ерол на експресен начин?!“. Дополнително, во коментарите се упатуваат и етнички засновани навреди кон Ризаов.
„Очекуваме МВР итно да ги обезбеди и зачува електронските докази, да ги утврди идентитетите на лицата кои стојат зад профилите и да процени дали во конкретниот случај постојат елементи на кривични дела поврзани со закани, поттикнување или повикување на насилство и говор на омраза. Бараме, доколку се утврдат такви елементи, случајот без одлагање да биде доставен до надлежното јавно обвинителство“, се вели во соопштението на ЗНМ.
Од здружението апелираат заканите кон новинарите поради нивната работа да не се игнорираат, бидејќи се сериозен удар врз слободата на изразување и посочуваат дека е од исклучителна важност во вакви ситуации институциите да реагираат навреме и да спречат заканите да прераснат во насилство.