Итно да се направи вонреден надзор и целосна анализа на сите водоснабдувачки станици во државата, како и јавно да се објават резултатите од испитувањата на водата, побара претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека квалитетот на водата не може да биде третиран како тајна, бидејќи станува збор за прашање од јавно здравствено значење. На ова реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат дека Филипче нема кредибилитет да коментира за состојбите во здравството и за кризата во Гостивар.
„Квалитетот на водата не е тајна во рамки на истрагата, туку е факт. И јавно здравствено значење има овој факт. Граѓаните мора едноставно да го знаат. Затоа бараме, итно, вонреден надзор и анализи на сите водоснабдувачки станици во државата. Итно да се објават резултатите од физичките анализи – матност, мирис и други параметри, хемиските анализи – нитрати, нитрити и амонијак, микробиолошките анализи, како и податоците за хлорирањето“, рече Филипче, посочувајќи ги и примерите од Валандово и болницата во Лешок.
Како што рече тој, во Валандово водата во градскиот водовод не е соодветна за пиење.
„Извештај за тестирање на безбедноста на водата, од примерок земен од болницата за белодробни болести во Лешок. Датум на завршување на испитувањето, 13 мај, земена вода, вкупен број на колиформни бактерии во 100 мл вода – 51. Во болницата во Лешок, на крајот на мај, никој не реагирал. Примерот е од чешма од болницата, каде што се лекуваат луѓе. 51 колиформни бактерии на 100 мл вода. Па добро, знаат ли овие луѓе што прават? Какво е ова менаџирање на институција? Што е целта? Што е целта? Да се загрози здравјето на сите луѓе во државата“, потенцираше претседателот на СДСМ.
Венко Филипче е последниот кој има кредибилитет да говори за здравството во Македонија, исто така за кризата во Гостивар, наместо прашања и обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ и Владата, нека се состане со неговите коалициони другари Ахмети и Таравари и нека побараат одговорност за скандалот во Гостивар директно од градоначалникот Валбон Лимани, реагираа и од владејачката партија.
„Венко Менгеле и СДС не може да бегаат од одговорност, но не може ни да бегаат од хаосот кој го создадоа во здравството, а ние веќе 2 години работиме да го подобриме. Зошто Венко Менгеле нема право да говори за здравствениот систем? Затоа што граѓаните многу добро паметат за ковид кризата министер за здравство Венко Филипче, трета земја во светот по процент на смртност, ковид криза министер за здравство Венко Филипче, наместо вакцини тој договараше провизии од нивната набавка и наместо по 32 долари за вакцина тој сакаше да ги купи со договор за 67 долари, му беа обезбедени средства и проект за нов клинички центар, а тој не направи ништо“, пишува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.