27.6 C
Vinica
среда, јули 8, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Лековите „Еноксапарин, Надропарин и Ривароксабан“ ќе може да се земаат со рецепт од аптека, без рефундација од ФЗОМ

    Од 1 јули во аптеките во земјава со рецепт ќе се достапни три често препишувани антикоагулантни лекови – „еноксапарин“, „надропарин“ и „ривароксабан“, кажа на денешната прес-конференција директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.

    Притоа, за „еноксапарин“ се достапни два бренда, а кај „надропарин“ и „ривароксабан“ по еден бренд.

    Заедно со „клексанот“ (еноксапарин), на позитивната листа друштво ќе му прават и антикоагулансите „надропарин“ и „ривороксабан“. За тие пациенти што купиле „клексан“ после 1 јули (во периодот од 1 до 15 јули), Фондот за здравство ќе врши рефундации на парите само за овој период, за да не бидат оштетени. Директорот на Фондот за здравство во заминување да биде прв човек на Министерството за здравство Сашо Клековски, информираше дека ова ќе значи заштеда на граѓаните и олеснет пристап.

    „Првите два коагуланти се во ценовен ранг од 1 160 до 2 700 денари, во развисност од дозата и големината на терапијата, а сега ќе бидат достапни само за партиципација од 160 до 240 денари – во зависност од дозата. Еден од брендовите ќе биде достапен без доплата, вториот бренд со доплата, меѓутоа осигурениците имаат можност да изберат и има лек без доплата“, рече Клековски.

    Третиот антикоагулант е по првпат на позитивна листа, а го користат меѓу 6 000 и 10 000 граѓани.

    „Тој досега се движеше во рангот од 2 000 до 2 200 денари, сега ќе биде достапен за партиципација од 160 денари. Во почетниот период ќе има доплата од 105 до 505 денари во зависност од дозата и бројот на таблети. Во најчесто користената доза, а тоа е 30 таблети по 10 милиграми, заштедата на граѓаните ќе биде 1 752 денари. Од јануари 2027 овој лек ќе биде достапен без доплата, само со партиципација“, кажа Клековски.

    На ваков начин тој вели дека се постигнува намалување на цената за осигурениците и на цената на самите лекови. „Заштедата на најкористеното пакување ќе е околу 1.700 денари. Референтната цена на лековите ќе биде спуштена во еден случај за 50 проценти, што значи дека ќе имаме намалена цена не само за пациентите туку и за Фондот. Означуваме дека понатаму ќе се стремиме да вклучуваме скапи лекови меѓу две и три илјади денари, на позитивната листа, зашто тие се товар за граѓаните. До крајот на годината ќе следува и нов круг со друг тип лекови. Првпат ставаме лекови на позитивна листа за намалување на цените. Во дијалог со фармацевтските куќи бараме вклучувањата да бидат без доплата, или каскадно и во случајот со „ривороксабанот“ ќе имаме намалување на цената од 50 проценти, онаа што ФЗОМ ја плаќа“, рече директорот на ФЗОМ.

    Тој смета дека на ваков начин ќе се раздвижи пазарот на лекови и ќе се влијае да почнат да се намалуваат цените на лековите достапни во Македонија. „Нема да поминува едноставно, зашто ова ќе значи намалување на маржите на фармацевтските куќи и аптеките. Аптеките и матичните лекари се информирани и помина доволен период за лековите да ги има во аптеките и матичните лекари да почнат со препишување. Еноксапаринот и надропаринот се лекови што се користат во акутни фази, не во хронични. Се користат пред и постоперативно кај големи зафати за спречување венска тромбоза. Се користат во бременоста. Мора да нагласам дека клексаните не се третман за бременост туку за проблеми во бременоста. Во клексаните нема индикација бременост како таква. Мора да има друга индикација како венска тромбоза и ризици од слични состојби за да биде лекот препишан“ нагласи Клековски.

    Клековски, одговарајќи на новинарско прашање зошто откако „фостер“, лекот против астма и ХОББ доби конкурент „блоцета“ – конкурентот не може да се најде во аптеките, одговори: „Во комуникација сме со двата производители, очекувам до петок да биде појасна состојбата со достапноста на двата лека бидејќи и со двајцата производители разговараме за некои промени“.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica