27.7 C
Vinica
сабота, јуни 27, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Еко-активисти бараат итна заштита на Кожуф, Дошница и на биодиверзитетот

    Во следниот период неопходно е да се започне со работа на терен и анализа на биолошката разновидност, пределските карактеристики вклучително и социо-економските аспекти на подрачјето со цел утврдување на природните вредности и потенцијалниот степен на заштита на Кожуф планина, било заклучено на форумот насловен како „Дијалог за иднината на Кожуф“, кој се одржал неодамна во Народниот театар во Гевгелија, во организација на Центарот за климатски промени (ЦКП).

    Во рамки на форумот биле презентирани научни и стручни сознанија за природните карактеристики на Кожуф, кој претставува едно од највредните природни подрачја во државата.

    Koжув планина и новата брана кај селото Конско. Фото: Мета.мк

    „Планината се одликува со разновиден релјеф, значајни геолошки и геоморфолошки појави, развиена хидрографска мрежа и исклучително богата биолошка разновидност. На нејзината територија се среќаваат карстни и глацијални форми, палеовулкански појави, бројни извори и водотеци, како и вредни шумски и планински екосистеми. Посебно значење има богатството на растителниот и животинскиот свет. Кожуф претставува живеалиште на повеќе ендемични и ретки видови, меѓу кои Алшарската темјанушка (Viola allchariensis), Арсеновата темјанушка (Viola arsenica), Алшарската матерка (Thymus alsarensis), Кавадаречкиот различник (Centaurea kavadarensis) и други видови со ограничето распространување и висока научна вредност“, наведено е во соопштението на ЦКП.

    Оттаму потсетуваат дека природните вредности на Кожуф се препознаени и на меѓународно ниво.

    „Подрачјето е дел од Емералд мрежата согласно Бернската конвенција, а воедно е идентификувано како значајно подрачје за птици, растенија и пеперутки. Овие меѓународни признанија ја потврдуваат неговата исклучителна улога во зачувувањето на биолошката разновидност и природното наследство. На форумот беше истакнато дека заштитата на Кожуф не претставува само прашање на зачувување на природата, туку и предуслов за долгорочно одржливо управување со природните ресурси, зголемување на отпорноста кон климатските промени и создавање нови можности за локален развој. Притоа беше нагласена и важноста на активното учество на локалната заедница во сите фази од процесот на заштита и идно управување со подрачјето. Кожуф е природно богатство од исклучително национално и меѓународно значење кое бара навремена, системска и долгорочна заштита“, наведено е во соопштението.

    Еко активисти и граѓани од целата држава, во организација на „Чејнџмејкерс фор ол“, минатата година го блокираа патот недозволувајќи изградба на мали хидроелектрани на реката Дошница.

    „Баров Дол“ и „Папрад“ се локациите на реката Дошница на кои Владата одобрила да се градат две мали хидроцентрали на Кожуф планина. Овој регион, богат со ендемски видови и биолошка разновидност, веќе втор месец го штитат еко-активисти од целата земја, свесни дека изградбата ќе значи уништување на биодиверзитетот и исчезнување на уникатни животински и растителни видови.

    Двете локации се наоѓаат недалеку од изворите на Дошница, во недопрена природа, односно во голем дел подрачје на кое човечка нога не стапнала.

    (ГАЛЕРИЈА) Каде треба да се градат двете хидроцентрали на река Дошница

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica