Настанот го организирала м-р Дороти Пачкова, авторка и експертка по родови студии, на 8 март во 2024 година и истиот бил најавен и на социјалните мрежи. Станува збор за настан насловен „Женски круг – 8 Март на еден поинкаов начин – женска енергија наша и на нашите предки“, анализира „Вистиномер“.
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Феминизам или сатанизам?
Објавата споделува и видео од кое може да се види дека е снимено во Europe House во Скопје, а на него жени со превез преку очите играат на музика.
Вистиномер се обрати во Europe House со цел да дознаеме за каков настан станува збор и дали навистина се организирал некаков станистички ритуал, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме.
Оттаму ни одговорија дека не станува збор за настан што тие го организирале, туку од надворешна организација, бидејќи за голем број од настаните невладини организации бараат да им биде изнајмен просторот на Europe House. Оттаму нè поврзаа со организаторот на конкретниот настан што е прикажан на видеото.
Настанот го организирала магистерката Дороти Пачкова, авторка и експертка по родови студии, на 8 март во 2024 година и истиот бил најавен и на социјалните мрежи. Станува збор за настан насловен „Женски круг – 8 Март на еден поинаков начин – женска енергија наша и на нашите предки“.
Поинаков 8 март, женска енергија, наша и на нашите предки
ПОЧНИ ОД СЕБЕ
Сакате да го подигнете вашето постоење, живеење, кариера, односи и што ли не, на едно повисоко ниво?
Тогаш најсоодветно е да почнете од себе.
Ова го изјавуваат оние кои толку многу направиле и прават, за себе и за другите, зошто на секое следно скалило, штом станува најстрмно, секогаш и секогаш се враќаме на себе, на сопствените сили, на својата нежност, на ресурсите и резилиентноста, внатре во самите нас.
Ова е првиот Женски круг во Македонија, креиран и воден од две жени кои своите животи си ги имаат обликувано од срце и со свои лични капацитети.
8 март е најженскиот ден во годината, а ние решивме да ве почестиме токму преку преиспитување на сопствената семејна женска линија.
На овој презначаен ден, сме се дружеле, сме говореле јавно, сме марширале, сме плачеле, сме се смееле, не можеле да затворат игротека од нас и нашите најмали и најмили, сме седеле до фајронт во кафеана, сме говореле во Влада, сме споделувале поезија и триумфи на жените од минатото, сме триумфирале и самите, сме аплаудирале едни на други, сме изложувале, сме обучувале, сме се журкале и сме биле тука една за друга на различни начини, сме делеле торта и вино… сеуште трчаме да стасаме на сите настани на нашите колешки…
Но никогаш не сме посветиле 2 часа за мирување и истражување на сопствените капацитети.
Па ајде, заедно, овој 8 Март да го направиме длабоко корисен за самите себе, да создадеме ЖЕНСКИ КРУГ, се вели во најавата на настанот.
Во објаснувањето на организаторот на настанот се додава дека женски кругови се прават секаде во светот, од најдамнешни времиња, од предисториско доба, како еден од најмоќните начини за брзо поврзување со себе, своите емоции, својата интуиција, своето тело и најисконска природа.
Значи, не станува збор за никаков сатанистички ритуал, туку за одбележување на денот на жената – 8 Март.
Поради сето погоре, објавата која ја анализираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар