Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова дека Северна Македонија треба да бара решенија, а не проблеми и дека Софија нема да отстапи од договорената рамка од 2022 година, оцени дека Бугарија истовремено не ја почитува резолуцијата за човекови права и одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде, како што рече, има 14 изгубени случаи.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека евроинтегративниот процес не смее да се користи како средство за притисок и, како што рече, уцена и политички притисок кон Северна Македонија.
Тој оцени дека ваквиот пристап не е во духот на европските вредности и додаде дека, доколку тие навистина се почитуваат, тогаш треба да важат еднакво за сите земји-кандидатки.
„Тие ќе ви речат дека сакаме да влеземе во клубот каде што се тие, но тоа е уцена и булинг. Ако веруваме и стоиме до европските вредности, тогаш тоа треба да е навистина така“, изјави премиерот.
Мицкоски посочи дека, според него, одредени земји сметаат оти членството во Европската Унија треба да биде условено со прифаќање на нивните барања, но порача дека актуелната Влада нема да прифати таков пристап во преговорите.
„Сè додека јас сум премиер, додека не видиме дека тие испорачуваат, нема да се поместиме ниту милиметар. Добрососедските односи се двонасочна улица. Не може да танцувате сами, или танцувате со партнер или немате партнер“, изјави Мицкоски
Мицкоски изрази загриженост поради, како што рече, почетните потези на новата влада во Бугарија, но оцени дека со текот на времето треба да надвладее рационалниот пристап во односите меѓу двете земји.
Тој смета дека во такви околности најлесно е да се отвори прашањето за односите со Северна Македонија и да се заострат ставовите поврзани со македонското прашање.
„Свесен сум дека тие имаат многу внатрешни проблеми, можеби Бугарија ќе биде првата европска држава која ќе добие мерки од страна на Европската централна банка бидејќи ги фалсификувале и ги лажирале извештаите за буџетскиот дефицит. Имаат големи проблеми со инфлацијата и економијата, па можеби бараат нова тема за дефокус, а најдобра тема е радикализација на ставовите во однос на македонското прашање“, изјави Мицкоски.
Премиерот одговараше на прашања на средба со здруженија за Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун.