Деветнаесетгодишен жител на скопското село Бојане е приведен под сомнение за убиство, откако неговиот татко пријавил во полиција дека синот му признал оти усмртил 18-годишно момче.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ноќеска, околу 00:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода М.Б. (19) од село Бојане, поради основано сомнение за сторено кривично дело „убиство“.
Според информациите од МВР, претходно на телефонската линија 192 се јавил неговиот татко И.Б., кој пријавил дека неговиот син му признал оти на 15 мај во шума во околината на Сарај со пиштол го усмртил Б.Д. (18), исто така од Бојане.
Како што информираат од МВР, а по насоки на јавен обвинител се работи на целосно расчистување и документирање на настанот.