Александра Кираца, в.д. диекторката на Американската гимназија Скопје и Бардил Јашари, извршниот директор на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, денеска потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на дигиталната писменост, сајбер безбедноста и безбедното користење на интернет кај младите.
Со меморандумот е предвидена реализација на едукативни работилници и обуки за учениците, насочени кон препознавање и спречување на онлајн ризици, развивање одговорно дигитално однесување и зајакнување на свеста за заштита на личните податоци и дигиталниот идентитет.
„Многу е важно младите да научат како одговорно и безбедно да ја користат технологијата, а училиштата имаат клучна улога во нивната едукација и подигнување на свеста за ова прашање“, посочи Јашари на потпишувањето на Меморандумот.
Во рамки на досегашните активности, учениците во Американската гимназија Скопје веќе посетуваа обуки, а интересот и вклученоста на учениците беа на високо ниво. Она што е посебно значајно е што кај учениците, со овие обуки, се создава свест и потреба дека е неопходна дополнителна едукација, со оглед на тоа дека дел од нив веќе се соочиле со несакани ситуации онлајн.
Од двете страни посочуваат дека оваа соработка претставува важен чекор кон создавање побезбедна дигитална средина за младите и отвора можности за нови заеднички активности и едукативни програми во иднина.