
Туристичкиот центар „Попова Шапка“ се соочува со уште една неуспешна сезона, бидејќи сè уште нема ништо конкретно од ветувањата и најавите на властите за странски инвестиции. Не е потпишан ниту договор со Италијанците и сè уште нема ништо конкретно од другите најавени милионски инвестиции, пишува Порталб.мк.
Иако за неколку недели се очекува да започне туристичката сезона во Попова Шапка, досега нема потпишан договор со странски инвеститори за инвестиции во овој центар.
Поминаа две и пол години од презентацијата на италијанската инвестиција и и покрај бројните ветувања и изјави од властите, сè уште не е потпишан договор со италијанскиот инвеститор за ревитализација на планинскиот туристички центар „Попова Шапка“.
Министерството за животна средина и просторно планирање вината ја префрла на владата предводена од ВМРО-ВЛЕН, но од оваа институција не коментираат.
Италијанската компанија „ТехноАлпин“, со која Порталб.мк е во постојана комуникација, исто така потврдува дека овој проект цело време се одложува.
„Во моментов нема ништо ново што би можеле да го споделиме“, изјавија од ТехноАлпин.
Неодамна, пред локалните избори, пратеникот на ВЛЕН, Аднан Азизи, најави дека за овој туристички центар наскоро се очекува инвестиција од 500 милиони евра, но без да даде дополнителни детали.
Пред неколку месеци, министерот за економија Бесар Дурмиши соопшти дека разговарал за инвестиции во „Попова Шапка“ со претставници од Саудиска Арабија.
Додека пак градоначалникот на Тетово, Билал Касами, во овој поглед ги спомна Катар и Обединетите Емирати.
Сепак, што се однесува до овие изјави сè уште нема ништо конкретно за јавноста.
„ТехноАлпин“ на 19 декември 2022 година го презентираше својот план за развој на овој туристички центар. Планирано е инвестицијата да се реализира во седум фази и истата има вкупна вредност од околу 180 милиони евра.
Во врска со овој проект властите ветија многу, но преговорите сè уште немаат епилог и до сега не е потпишан никаков договор.
Попова Шапка, иако е еден од најдобрите зимски центри не само на Балканот, со години е запоставена бидејќи не се прават никакви инвестиции.
Еден од најголемите проблеми е урбаниот хаос, недостатокот на паркинг места, лошото управување со отпадот, дивоградните и многу други.
Извор: Порталб.мк