Стотици илјади луѓе се очекува да учествуваат на протестите низ Франција, откако синдикатите повикаа на национален штрајк против владините буџетски кратења, растот на трошоците за живот и влошувањето на условите во јавните служби. Во штрајкот се очекува да се вклучат здравствените работници, контролорите на летање, поштенските службеници, наставниците и железничарите, објави Гардијан.
Главните железнички синдикати предупредија дека предложените буџетски мерки ќе ја продлабочат сиромаштијата, ќе ја ослабат социјалната заштита, ќе ги замрзнат платите на државните службеници и ќе ги намалат инвестициите во еколошки проекти.
На протестите им се приклучија и средношколците, кои со блокади на училиштата веќе неколку недели бараат подобри услови за образование. Тие реагираат на преполните училници и запуштените училишни згради, а во блокадите учествуваат и студенти, кои затворија дел од универзитетските факултети.
На штрајкот се приклучија и синдикатите на наставниците во приватните училишта, заедно со нивните колеги од државните образовни установи. Протестите ги поддржаа и синдикални организации со различна политичка ориентација, обединети околу барањата за повисок животен стандард и противењето на намалувањето на јавните расходи.
Паралелно, организации за човекови права протестираат против прекумерното полициско присуство и обидите на властите да го ограничат правото на демонстрации. Француската лига за човекови права предупреди на „авторитарен пресврт“ и обид за замолчување на критичките гласови. Властите воведоа ограничувања за протестирање во централните градски подрачја, а во одредени области и полициски час.
„Живееме во многу сериозен период, со многу опасно авторитарно свртување на владата“, изјави Софи Бине, лидерка на левичарскиот синдикат ЦЖТ (CGT).