Павилјонот на Република Северна Македонија на 18. Биенале за архитектура во Венеција свечено беше отворен на 18 мај, а национален претставник е проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“.
Македонскиот архитектонски тим во Венеција се претставува со проектот „Лабораторија од минатото за иднината“, кој ја прикажува хронологијата со приказни од Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски во периодот од 1992 до 2017 година.
На свеченото отворање на павилјонот во Венеција воведен збор имаа комесарот Дита Старова Ќерими, професорот Минас Бакалчев, како и Н.Е. Марија Ефремова, aмбасадорка на РСМ во Светата Столица во Ватикан. На отворањето беа присутни претставници од Генералниот конзулат во Маргера, Венеција, претставници на Министерството на култура на РСМ, бизнисмени од дијаспората, како и авторите на проектот, куратори и учесници.
Старова Ќерими во говорот ги поздрави професорот Митко Хаџи Пуља и носителот на проектот Ива Петрунова од здружението „Градот убав“, кои не беа во можност лично да дојдат во Венеција.
Автори на проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“ се професорите од Архитектонскиот факултет Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Александар Радевски и Димитар Папастеревски.
Куратори на проектот се Александар Петановски, Марија Петрова, Гордан Петров, Дарко Драгановски и Димитар Крстевски. Соработници се Амир Ахмети, Егзона Зендели, Кире Ставров, Влера Тачи, Теодора Илиевска, Сара Алаѓозовска, Ахмед Пошка, Тамара Павлеска, Теодора Стеваноска, Марија Илиев, Горан Трајановски, Маријана Јаневска, Кристијан Ристовски, Едон Фетаху, Никола Момировски, Фјола Пустина, Симона Костовска, Александра Наумовска, Ива Митевска, Енис Абовски, Кирил Кочоски, Илија Мошев, Домника Бошкова и Харика Шехаби.
Во 18 мај се случуваа многубројни настани и отворања на национални павилјони на Биеналето во просторот на Џардини и Арсенале, започнувајќи со главната прес-конференција за овогодишната архитектонска изложба под наслов „Лабораторија на иднината“ од главната кураторка Лесли Локко и директорот на Биеналето, Роберто Чикуто.
Овогодишното Биенале го става под рефлектор африканскиот континент и тимовите од африканската дијаспора со нивната флуидна култура, која денес го испреплетува светот. Акцентот во тематските истражувања се, исто така, декарбонизацијата и деколонизацијата, одржливоста на планетата и заштитата на природните ресурси.
Изложбата на 18. Биенале за архитектура во Венеција е составена од 64 национални учества, кои ги организираат своите изложби во павилјоните во Џардини (27), во Арсенале (22) и во историскиот центар на Венеција (14). Државата Нигер првпат учествува на Архитектонското биенале; Панама за првпат се претставува сама, бидејќи на минатото биенале учествуваше како I.I.L.A. (Италијанско-латиноамериканска меѓународна организација).
Светата столица на Архитектонското биенале се врати со свој павилјон на островот Сан Џорџо Маџоре (за првпат учествуваше на Архитектонското биенале во 2018 година).
Италијанскиот павилјон во „Tese delle Vergini“ во Арсенале, поддржан и промовиран од Генералниот директорат за современо творештво на Министерството за култура, е куриран од колективот „Fosbury Architecture“. Насловот на изложбата е „Простор: Секој им припаѓа на сите други“.
На Архитектонското биенале во Венеција има и девет Колатерални настани, кои се прифатени од кураторот и промовирани од национални и меѓународни непрофитни тела и институции. Се организираат на многубројни места во градот Венеција со изложби полни со придонеси и учества кои го зголемуваат плурализмот на гласовите на меѓународната изложба. „Срцето на секој проект е имагинацијата, како ќе создадеме поубав свет ако прво не го замислиме“, истакна кураторката Лесли Локко.
Автор на текстот: Љупка Делева, визуелен уметник, специјално за „Културен печат“ од Венеција
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 179, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.5.2023)