Во време на војни, геополитички соперништва, климатски промени и забрзан технолошки развој, меѓународната заедница мора да ја врати довербата во мултилатерализмот, меѓународното право и институциите што треба да го заштитат мирот, безбедноста и човековото достоинство, изјави претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во своето обраќање пред светските лидери на Генералната дебата на 81-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Претставувајќи ја Црна Гора како балканска и медитеранска земја, сигурна членка на НАТО и земја која постојано напредува кон членство во Европската Унија, Милатовиќ ја нагласи својата посветеност на регионалната соработка и ефикасниот мултилатерализам. Милатовиќ нагласи дека за Црна Гора Европската Унија не е само дестинација, туку и пат исполнет со вредности на кои земјата е силно посветена.
„Нашата цел е јасна: до 2028 година, гордо ќе го гледаме знамето на Црна Гора како се вее меѓу знамињата на земјите-членки на Европската Унија“, рече претседателот.
Тој потсети дека европската перспектива на Западен Балкан беше потврдена на Самитот во Солун во 2003 година, во време кога мултилатерализмот беше во пораст, а Европската Унија ги отвораше своите врати за нови членки, додека Балканот штотуку излегуваше од сенката на војните и поделбите од 1990-тите.
Денес, како што оцени, меѓународната средина е значително поинаква, а меѓународниот поредок влегува во нова и неизвесна фаза.
Во такви околности, проширувањето на Европската Унија претставува стратешка визија и една од најважните инвестиции на Европа во мирот, безбедноста и долгорочната стабилност.
„Иднината на целиот Балкан е во Европската Унија“, рече Милатовиќ.
Тој истакна дека Црна Гора е горда што денес го води процесот на европска интеграција на регионот и дека е подготвена да им служи како пример на другите земји-кандидатки.