КанцерДизинфо ја претставува својата нова алатка со отворени податоци, која овозможува пребарување низ 265.000 писмени пратенички прашања, почнувајќи од она што парламентарната евиденција на Турција го открива за ракот и отчетноста.
Од 2002 година, пратениците во Турција поднеле речиси 265.000 писмени прашања до министрите. Ова претставува јавна евиденција на прашањата за кои избраните претставници на граѓаните барале одговори и што Владата одлучила да стави во јавен запис како одговор. Речиси 3.000 од овие прашања се однесуваат на ракот. Тие отвораат теми како загадени населби, професионална изложеност на штетни материи во фабриките, небезбедни работни места, недостиг од скрининг во руралните области, пристап до лекови, вакцините против ХПВ и ширењето на нерегулирани електронски цигари. На многу од овие прашања никогаш не бил даден јавен одговор.
Со поддршка од Фондација Метаморфозис, преку програмата Дигитал Спарк/ Мали грантови за стратешка раст, КанцерДизинфо ја развива алатката со отворени податоци „Parliamentary Cancer Accountability Tracker“ – ПЦАТ (aлатка за следење на парламентарната отчетност за ракот), што ја претвора оваа фрагментирана парламентарна евиденција во пребарлив јавен извор на докази.
Зошто КанцерДизинфо се насочи кон парламентот
КанцерДизинфо е независна медиумска иницијатива од јавен интерес со седиште во Турција. Иницијативата работи на подобрување на информативната средина поврзана со ракот: од дезинформации за лекување и искривени научни тврдења, до наративи што поттикнуваат страв и услови што ги прават луѓето поподложни на дезинформации.
Поаѓа од едно едноставно сознание: дезинформациите за ракот не се шират само затоа што на интернет кружат лажни тврдења. Тие се шират и таму каде што недостигаат веродостојни јавни информации, каде што информациите доцнат и се фрагментирани или не можат лесно да се проверат. Кога пациентите не можат да најдат сигурни информации за скрининг, пристап до лекување, изложеност на штетни фактори од животната средина или безбедноста на вакцините, информацискиот вакуум брзо се исполнува со гласини, комерцијална злоупотреба и псевдонаука.
Токму затоа парламентот е важен. Писмените пратенички прашања се една од ретките формални алатки што избраните претставници ги имаат на располагање за да побараат од министрите нивните одговори да станат дел од јавната евиденција. Тие покажуваат кои прашања граѓаните им ги поставиле на своите пратеници, кои теми пратениците ги покренале пред државните институции и на кои прашања извршната власт одлучила да одговори или да не одговори.
Долга парламентарна традиција, но ограничена јавна евиденција
Турција има долга традиција на поставување писмени пратенички прашања во парламентот. Базата на податоци опфаќа седум парламентарни состави, почнувајќи од дваесет и вториот парламентарен состав во 2002 година.
Записите од дваесетиот парламентарен состав, кој започна во 1996 година, се достапни на веб-страницата на парламентот, но само во ограничена техничка смисла. Не постои можност за пребарување на целосниот текст, нема тематска класификација, ниту пак можност податоците да се преземат во машински читлив формат. Речиси четврт милион документи се наоѓаат на јавен сервер, но без практична можност јавноста систематски да ги пребарува и анализира. За новинарите и граѓанските организации, оваа архива повеќе претставува пречка отколку вистински јавен извор на информации. Алатката ПЦАТ е создадена токму за да ја отстрани таа пречка.
Зошто ракот?

Ракот е намерно избрана почетна точка. Тој се наоѓа на пресекот на политиките за заштита на животната средина, професионалното здравје, пристапот до лекови, регионалните нееднаквости, здравствената писменост и огромната неформална економија на лажни лекови и недокажани терапии. Ракот е тема кај која молкот зборува сам за себе. Кога едно министерство не одговара на прашање за одложена програма за скрининг, наводна погрешна дијагноза или можна изложеност на индустриски загадувачи, отсуството на јавна евиденција влијае врз начинот на кој граѓаните го разбираат ризикот и одговорноста.
Базата на податоци за ракот е доволно голема за да овозможи аналитички значајни истражувања, а истовремено доволно ограничена за да може практично да се обработува. Ракот е доказ за концептот, а инфраструктурата што се создава ја отвора вратата и за други теми поврзани со отчетноста.
Што прави алатката ПЦАТ и кој може да има корист од неа?
Алатката ПЦАТ индексираше речиси 265.000 писмени пратенички прашања поднесени од 2002 година наваму и идентификуваше речиси 3.000 прашања поврзани со ракот.
Податоците минуваат низ шест фази. Прво, алатка за автоматско собирање податоци ги презема сите писмени пратенички прашања поднесени од 2002 година од веб-страницата на парламентот, заедно со соодветните ПДФ-одговори, таму каде што постојат. Второ, оптичкото препознавање на знаци ги претвора скенираните ПДФ-документи во машински читлив текст. Трето, секое прашање се поврзува со пратеникот што го поднел, со неговата партиска припадност, изборната област и парламентарниот состав, како и со министерството и конкретниот функционер до кој било упатено. Четврто, транспарентен класификатор заснован врз правила ги означува прашањата поврзани со ракот. Петто, јавен интерфејс за пребарување овозможува пребарување низ целата архива. Шесто, уредничката компонента, која вклучува месечни текстуални анализи и различни визуелизации, ги претвора необработените бројки во јасна и разбирлива приказна.

Алатката е наменета за локални новинари, граѓански организации кои се занимаваат со правата на пациентите, еколошката правда и безбедноста при работа, како и за самата заедница на пациенти и негуватели, која во несразмерно голема мера е обликувана од неплатената грижа што најчесто ја обезбедуваат жените.
Што досега покажува евиденцијата за ракот
Највпечатливиот образец е континуитетот. Истите теми се повторуваат од година во година: загадувањето во близина на индустриски објекти, професионалната изложеност во бродоградилишта и рудници, азбестот во постарите објекти, недостатоците во националните програми за скрининг на рак на дојка и грло на матката, безбедноста и достапноста на лековите за рак, наводните погрешни дијагнози во јавните болници, а во поново време и електронските цигари и вакцинацијата против ХПВ.
Некои групи прашања се зголемуваат во одредени моменти, како на пример прашања поврзани со фабрика за цемент откако во медиумите ќе биде објавена информација за зголемен број случаи на рак во одредена заедница, или бран прашања за вакцинацијата против ХПВ кога темата ќе стане дел од политичките дебати на опозицијата. Други прашања, како пристапот до чиста вода за пиење или онколошката грижа во источните и југоисточните провинции, редовно се повторуваат, без видлив одговор од извршната власт.
За иницијативата, најзначајниот успех на проектот досега е тоа што расфрланите документи стануваат заеднички јавен ресурс. Локален новинар може да следи што се случува во одредена провинција со текот на годините. Организација за заштита на пациентите може да види дали прашањето за пристап до лекови претходно било покренато. Еколошка организација може да открие поврзаност помеѓу фабрика, одредена област и пратенички прашања што се повторуваат. Токму тука податоците стануваат инфраструктура за отчетност.
Што следува
Сесиите за тестирање со корисници и јавната работилница за претставување на алатката се планирани за јули и август 2026 година, заедно со краток аналитички извештај на турски јазик. Овие активности ќе ги обединат новинарите, граѓанските организации и застапниците за здравствени прашања, со цел да го тестираат интерфејсот и да разгледаат како архивата може да помогне во истражувања, застапување и јавна комуникација.
Алатката ПЦАТ ќе остане траен ресурс на КанцерДизинфо. Вистинските резултати ќе се појават преку неговата употреба: кога новинар ќе следи прашање кое никогаш не е одговорено, кога невладина организација ќе ги спореди парламентарните иницијативи со недостатоците во политиките, кога застапник на пациентите ќе праша зошто истиот проблем се отвора со години без јасен јавен одговор.
Истата постапка може да се прилагоди за која било тема поврзана со отчетноста во парламентарната евиденција. Со прилагодени речници на клучни зборови и системи за означување, истиот систем може да се примени за теми како фемицид, детски труд, смртни случаи на работното место, уништување на животната средина, права на бегалците, слобода на медиумите и образовни политики. Ракот е првата призма низ која се гледа проблемот. Инфраструктурата е општа и може да се примени пошироко.
Најтешката лекција е структурна. Долгата парламентарна традиција создала трага од документи. Две децении дигитализација создадоа веб-страница. Но ниту едното ниту другото не создадоа отчетност. За тоа е потребна инфраструктура: машински читливи податоци, можност за пребарување и толкување, како и заедница подготвена да ја користи евиденцијата како доказ. Од иницијативата КанцерДизинфо велат дека грантот Дигитал Спарк им помогна да ја изградат инфраструктурата. Долгорочната цел е да се изгради заедница околу неа.
Извор: Digital Democracy Initiative