Администрацијата на Трамп соопшти дека Израел и Либан се согласиле да спроведат прекин на огнот за да се стави крај на непријателствата, додека САД се обидуваат да надминат една од најголемите пречки за постигнување поширок договор за завршување на војната со Иран, пренесува „Гардијан“.
Според заедничката изјава на САД, Либан и Израел, објавена од американскиот Стејт департмент по преговорите во Вашингтон, прекинот на огнот меѓу Израел и Либан зависи од целосен прекин на нападите од страна на вооружената група Хезболах, која е сојузник на Иран, како и од повлекување на сите нејзини борци од подрачјето јужно од реката Литани во јужен Либан.
Договорот е потпишан меѓу владите на Либан и Израел. Борбите досега се водеа меѓу Хезболах и Израел, а либанската армија не е страна во конфликтот. Сепак, либанската влада преговараше со Израел без учество на Хезболах, како дел од напорите повторно да ја воспостави државната контрола врз земјата и да ја разоружа вооружената група.
И покрај заедничката заложба за прекин на огнот, Израел изврши повеќе напади со дронови во областа Набатија во јужен Либан утрово.
Двете страни, кои немаат формални дипломатски односи, исто така се согласија да создадат „пилот-зони“ во кои либанските вооружени сили ќе имаат исклучива контрола врз територијата, без присуство на какви било недржавни вооружени актери.