Синоќа (6 мај), во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар, Скопје, беше свечено отворена изложбата „Старите мајстори и македонската модерна“, авторски проект на проф. д-р Кирил Пенушлиски, која предизвика значителен интерес кај јавноста и уметничката фела.
Галерискиот простор беше исполнет со бројни посетители, уметници, професори, културни работници и љубители уметноста, кои со големо внимание го проследија овој значаен културен настан. На отворањето присуствуваше и претседателката Гордана Силјановска Давкова, која истакна дека изложбата претставува „оригинален сликарски дијалог меѓу историјата и сегашноста“, нагласувајќи ја нејзината вредност како мост помеѓу европското уметничко наследство и македонската модерна.
Посетителите имаа можност да проследат визуелно и интелектуално богата поставка, која отвора прашања за културното наследството, и влијанието и улогата на уметноста.
Концептот на изложбата го истражува влијанието на старите мајстори врз македонските уметници, прикажувајќи како преку изучување, интерпретација и лична трансформација, тие создаваат нови, автентични уметнички изрази. Делата на автори како Личеноски, Лазески, Корубин, Пенушлиски, Чемерски. Божурски и други, сведочат за континуитетот и живата врска со традицијата.

Изложбата „Старите мајстори и македонската модерна“ ќе биде отворена за посетителите до 20 мај во галеријата на МКЦ.