По повод 50-годишниот јубилеј од професионалната музичка кариера на еден од најзначајните и највлијателни македонски автори, композитори, аранжери и мултиинструменталисти – Никола (Кокан) Димушевски, на 27-ми април (понеделник), со почеток во 18:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи свечен и значаен концертен настан.
Овој концерт, кој го носи името на неговото најново авторско издание „The Back of Beyond“ („Зад грбот на Бог“), претставува уметничка ретроспектива, но и длабоко современа музичка исповед на еден творечки дух кој повеќе од половина век ја обликува звучната слика на македонската, балканската и европската музичка сцена, истакнува организаторот.
Неговиот творечки опус е исклучително богат и разновиден, и претставува редок пример на уметник кој истовремено живее во повеќе музички светови. Во неговото дело се среќаваат џез-рок експресијата, современата електронска музика, симфониските и камерните форми, музиката за театар и филм, радиофонските дела, како и голем број музички авиза, шпици и џинглови создадени за телевизиски и радио продукции низ целиот Балкан. Тој е автор на повеќе од 250 композиции и аранжмани за различни оркестарски состави, како и на преку 300 медиумски музички теми кои станале дел од секојдневната звучна меморија на регионот.
Никола (Кокан) Димушевски, роден во 1958 година во Скопје, каде што и денес живее и создава, е еден од основачите на легендарната група „Леб и Сол“, формирана во 1976 година, музичка група кој остави неизбришлива трага во историјата на југословенската и македонската музика. Со оваа група и како самостоен автор, тој има реализирано над 21 носач на звук со бендот, а како солист, продуцент и аранжер – повеќе од 40 компакт дискови и над 70 аудио и видео изданија од различен вид.
Со над 2.000 одржани концерти низ Европа, екс-Југославија, Грција, Кипар, Бугарија, Словачка, Чешка, Австрија, Германија, Франција, Ирска, Велика Британија, Шведска, Данска и Малта, како и настапи во САД, Канада, Нов Зеланд и Австралија, Димушевски се вбројува меѓу ретките македонски уметници со навистина глобална концертна биографија.
Неговиот истражувачки дух особено доаѓа до израз во неговата работа со староцрковното и македонското песнопојание, почнувајќи од 1997 година, кога преку современи електронски инструменти и хармонски интервенции врз оригинални неумски записи, создава сосема нов звучен универзум – спој на духовното наследство и современата музичка мисла. Овој пристап го позиционира како уметник кој не само што компонира, туку и реконструира, преосмислува и повторно ја раѓа традицијата во современ контекст.