12.8 C
Vinica
петок, март 13, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Министерството за животна средина ќе организира јавна расправа за обновувањето на дозволата за Усје

    Министерството за животна средина и просторно планирање ќе организира јавна расправа за постапката за обновување на дозволата за Цементарницата Усје. Од таму информираат дека барањето за нова А интегрирана дозвола за компанијата е веќе поднесено, а на расправата ќе бидат поканети сите засегнати страни, вклучително и претставници на граѓанските организации, иницијативи и стручната јавност.

    „Сметаме дека суштинскиот придонес се остварува преку отворен и аргументиран дијалог во институционални рамки. Граѓанскиот сектор е важен партнер во напорите за заштита на животната средина. А токму преку транспарентни процеси може да се изгради доверба во институциите и да се обезбедат одржливи решенија во интерес на граѓаните“, посочуват од Министерството.

    Министерот за животна средина, Муамет Хоџа истакна дека го почитува и поддржува секој мирен протест како демократско право на граѓаните, како и дека ќе остане посветен на јакнење на транспарентноста и отвореноста на институцијата.

    Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ веќе неколкупати организираше протести пред Цементарницата, а на 27 февруари имаше и неколкучасовна блокада на влезот во Усје. Од Иницијативата апелираа до граѓаните и стручната јавност да ја искористат можноста и активно да се вклучат во јавната расправа за процесот на обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје и на тој начин да влијаат врз условите под кои компанијата ќе работи во наредните години.

    Претходно, советниците на Зелен хуман град побараа преместување на фабриката надвор од урбаната средина, а Советот на Скопје го усвои барањето, а експерти понудија и решенија капацитетот да работи на гас и постојано да се контролира од независни институции.

    Од компанијата потврдија дека е поднесена апликацијата за продолжување на А – интегрираната еколошка дозвола до Министерството за животна средина и просторно планирање и посочуваат дека таа во целост ги следи обврските и условите што произлегуваат од законските и подзаконските акти.
    „Грижата за животната средина е основна вредност за ТИТАН Усје. Свесни сме дека заштитата на животната средина и квалитетот на воздухот предизвикуваат загриженост кај граѓаните и во нашето општество. Како одговорна и транспарента компанија, ТИТАН Усје работи согласно домашната регулатива и во своето работење ги применува најдобрите достапни практики во индустријата, кои важат и за компаниите од Европската унија“, се вели во соопштението од Усје.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica