Нова група македонски државјани кои се пријавиле за евакуација од Блискиот Исток денеска ќе се вратат во земјава со специјален лет организиран од Владата. Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се работи за 153 патници. Од нив, 96 се од Катар, 33 од Кувајт, 15 од Бахреин и 9 од Саудиска Арабија. Тие ќе се вратат со специјален лет од аеродромот во Ријад, а ќе слетаат на аеродромот во Приштина, по што ќе биде организиран превоз до Скопје.
Целата организација на летовите, вклучително и сите поврзани трошоци, се покриени од страна на Владата. Претходно, Министерството информираше дека за македонските државјани е организиран автобуски превоз од Кувајт, Катар и Бахреин до аеродромот King Khaled во Ријад.
Вчера со лет од Дубаи евакуирани беа 150 патници, од кои 125 македонски државјани, 11 државјани на Косово, 7 на Србија, по двајца државјани на Босна и Херцеговина и на Албанија и по еден државјанин на Германија, Ерменија и на Црна Гора.
„Безбедно е евакуирана втората група македонски државјани од Обединетите Арапски Емирати кои со специјално организиран лет безбедно полетаа од Дубаи и ја напуштија територијата на Обединетите Арапски Емирати. Станува збор за 150 патници, најголемиот дел од нив македонски државјани, кои успешно и безбедно се вратија во државата. Процесот на евакуација беше реализиран врз основа на претходно утврден план и во координација со надлежните институции, при што организацијата на летот беше спроведена од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Трошоците за овој и за останатите летови се целосно покриени од државата“ изјави вчера министерот Тимчо Муцунски.
Претходно, 151 патник беше евакуиран од Обединетите Арапски Емирати со лет на „Флај Дубаи”. Повеќето се македонски државјани, еден е од Црна Гора, еден од БиХ, еден од Србија, двајца се од Косово, а четворица се со холандско државјанство. Во првата евакуација на македонски граѓани по почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, со владиниот авион беа евакуирани шест македонски државјани од Израел, кои полетаа од Шарм ел-Шеик во Египет.